Bojana Stojanovic
05 Април 2021•Ажурирај: 05 Април 2021
БЕЛГРАД (АА) - Од шест часот изутрина, во Србија повторно е дозволена работата на градините на угостителските објекти, додека работното време на сите објекти и установи е продолжено до 22 часот, јавува Агенција Анадолија (АА).
На кафулињата и рестораните со градина им е дозволена работа само на отворено, со почитување на сите епидемиолошки мерки, што значи дека најмногу пет луѓе можат да седат на иста маса, со задолжително растојание од два метри меѓу масите.
Исто така, забрането е изведување сценско-музичка програма, односно музика во живо во градините. Кафулињата и рестораните и понатаму можат да вршат шалтерска продажба на храна и пијалаци, без оглед дали имаат или немаат градина, додека доставата останува дозволена 24 часа дневно, седум дена во неделата.
И понатаму остануваат затворени трговските центри, како и кафулињата и рестораните кои немаат градина. На сила останува и мерката дека сите објекти мора да обезбедат почитување на мерките од минимум девет квадратни метри по лице или посетител. Исклучок се фитнес-клубовите, спа-центрите, теретаните и слично, каде што мора да бидат обезбедени 16 квадратни метри по лице. Во бројот на присутните лица во објектот спаѓаат и вработените.
Владата на Србија најави дека денес ќе биде засилен инспекцискиот надзор за почитување на сите епидемиолошки мерки на територијата на цела држава.
Аптеките, бензинските пумпи, лабораториите, ординациите на ветеринарните амбуланти и слично можат да работат постојано секој ден, како и досега.
Вакцинацијата против Ковид-19 ќе се одвива без прекин по однапред утврдениот план и во наредните денови.
Како што соопштија во петокот од Кризниот штаб, епидемиолошката ситуација се поправа, но и понатаму е вонредна. Така вчера регистрирани беа 3.304 новозаразени од 11.711 тестирани лица, додека претходната недела тој број надмина и 5.000, со просек од околу 17.000 тестирани во ден.