Kemal Zorlak
02 Јануари 2025•Ажурирај: 02 Јануари 2025
ЦЕТИЊЕ (АА) - Според најновите информации, најмалку десет лица, меѓу кои двајца малолетници, се убиени попладнево во пукање во угостителски објект во црногорскиот град Цетиње, ова вечерва го потврди министерот за внатрешни работи на Црна Гора, Данило Шарановиќ, јавува Анадолу.
Шарановиќ на прес-конференција рече дека осомничен за убиствата е Ацо Мартиновиќ, по кого црногорската полиција сѐ уште трага. Во пукањето ранети се уште четири лица, од кои две биле оперирани и се наоѓаат на интензивна нега.
„Она што можеме да го кажеме, што ни е потврдено, е дека осомничениот Ацо Мартиновиќ лишил од живот најмалку десет лица, од кои двајца се малолетни од семејството Вулетиќ. Децата се на господинот Вулетиќ, кој исто така е убиен и во чиј угостителски објект се случи ова тешко кривично дело“, рече Шарановиќ.
Тој додаде дека осомничениот Мартиновиќ убил и некои членови од своето семејство.
Шарановиќ уште еднаш апелираше до граѓаните на Цетиње да останат во своите домови додека осомничениот Мартиновиќ не биде ставен под контрола и за да не дојде до додатни кривични дела.
„Веруваме дека нема да дојде до тоа, бидејќи неговиот простор е стеснет“, нагласи Шарановиќ, напоменувајќи дека на терен има голем број полицајци и дека осомничениот е опасен и вооружен.
По повод трагедијата во Цетиње, Владата на Црна Гора вечерва ги прогласи 2, 3 и 4 јануари за денови на жалост.
Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, изјави дека е потресен од трагедијата во Цетиње и изрази сочувство до семејствата и пријателите на настраданите во масакрот.
„Наместо празнична радост, над нашиот главен град и цела Црна Гора надвисна тага поради загубата на невини животи. Запрепастен сум и потресен од оваа трагедија која го зави во црно нашето Цетиње, семејствата и пријателите на убиените, на кои им изразувам искрено сочувство“, напиша Милатовиќ на официјалниот профил на Х.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изрази сочувство до семејствата на жртвите и граѓаните на Црна Гора по денешниот масакр во Цетиње, во кој се убиени повеќе лица.
„Со тага, неверување и длабоко жалење ја примив веста за масакрот во Цетиње, кој однесе невини животи и нанесе огромна болка на семејствата и сограѓаните на жртвите. Овој суров чин на лудило нѐ повикува сите нас да најдеме сила и да ја дадеме сета поддршка на оние кои ги загубија своите сакани, како и да продолжиме заедно да се бориме за општество во кое највисоките човечки вредности ќе преовладуваат над омразата и насилството“, се истакнува во пораката на Вучиќ објавена на официјалните профили на социјалните мрежи.
Вучиќ изрази сочувство до црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ по повод грозоморниот масакр во Цетиње и им понуди поддршка на државните органи на Црна Гора, како и секаков вид помош од страна на Србија.
Претседавачката со Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ, во телеграма со сочувство до претседателот на Црна Гора, Милатовиќ, истакна дека е длабоко потресена од веста за трагедијата во Цетиње.
Сочувство до црногорскиот претседател Милатовиќ по повод масакрот во Цетиње упати и членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, претседателот на босанскохерцеговскиот ентитет Република Српска, Милорад Додик, српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ и од Министерство за надворешни и европски работи на Хрватска.
Во врска со вооружениот напад се огласи и Амбасадата на Република Туркије во Подгорица изразувајќи солидарност со Црна Гора.