Adel Omeragic
13 Јули 2019•Ажурирај: 14 Јули 2019
ПОДГОРИЦА (AA) - Црна Гора денеска го одбележува Денот на државноста, во знак на сеќавање на 13 јули 1878 година, кога на Берлинскиот конгрес е признаена како самостојна држава, како и на истиот датум во 1941 година, кога народот на Црна Гора започнал востание против фашизмот, јавува Anadolu Agency (AA).
По повод Денот на државноста, претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, вчера оганизираше прием, од кој порача дека современа Црна Гора веќе го живее својот европски живот и со реален оптимизам ја гледа својата европска иднина.
„Благодарение на тие историски темели, Црна Гора повторно е независна, меѓународно признаена држава, стабилна мултинационална заедница, економски одржлива и просперитетна, доверлив сосед и важен фактор за регионалната стабилност, уважена членка на НАТО и земја кандидат во преговорачки процес за членство во ЕУ. Со Берлинскиот конгрес во 1878 година, завршена е една голема ослободителна и државотворна епоха во црногорската историја. Црна Гора тогаш е потврдена како држава во полн меѓународен капацитет, и го зазеде своето место во кругот на европските народи и држави во тој период. Во децениите кои следуваа, Црна Гора стекна углед на држава во која се почитуваат правата и слободите на сите нејзини државјани, посебно на оние кои припаѓаат на малцинските верски и национални групации“, рече Ѓукановиќ.
На приемот во Синиот двор во Цетиње присуствуваа претставници на политичкиот, научниот, културниот, стопанскиот и спортскиот живот на Црна Гора, народни херои и претходни државни функцонери. Присуствуваа и претставници на дипломатскиот кор и високи функционери на меѓународните организации и институции.
По повод државниот празник на Денот на државноста на Црна Гора, неработни денови се 13, 14 и 15 јули.