Stipe Majic
09 Јуни 2020•Ажурирај: 09 Јуни 2020
ЗАГРЕБ (АА) - Во Република Хрватска во последните 24 часа нема новозаразени од коронавирусот, но починаа уште две претходно заразени лица, јавува Агенција Анадолија (AA).
Вкупниот број на заболени со коронавирусот во Хрватска од неговата појава изнесува 2.247, а новозаразени нема, извести Центарот за цивилна заштита на Република Хрватска.
Досега се тестирани 69.111 лица, од кои 249 во последните 24 часа.
На болничко лекување се шест лица, додека пациенти приклучени на респиратори нема.
Вкупниот број на оздравени е 2.130, со регистрирани двајца оздравени лица во изминатите 24 часа.
Од вирусот во земјата досега починаа вкупно 106 лица.
Денес, Центарот за Цивилна заштита на Република Хрватска донесе одлука за измена на Одлуката за неопходните мерки за ограничување на собирите, работата во трговијата, услужните дејности и за одржувањето на спортски и културни настани за време на епидемијата на Ковид-19.
Со оваа одлука се овозможува од 15 јуни да се одржуваат спортски натпревари во присуство на публика, со оглед на многу добрата епидемиолошка ситуација, со почитување на одредни препораки кои дополнително ќе бидат утврдени.