Bojana Stojanovic
17 Мај 2021•Ажурирај: 18 Мај 2021
БРДО (АА) - Словенечкиот претседател Борут Пахор изјави дека е усвоена заедничката декларација во рамките на процесот Брдо-Бриони, со која се повикува Европската Унија да го гледа регионот на Западен Балкан како целина, јавува Агенција Анадолија (AA).
„Ја повикуваме ЕУ регионот на Западен Балкан да го гледа како целина, а не само како поединечни земји со кои преговара“, рече Пахор на заедничката прес-конференција со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.
Тој наведе дека во декларацијата се нагласува дека Брисел на регионот треба да гледа како на геополитичко прашање.
„Тоа е реципрочен процес. ЕУ мора да го забрза проширувањето, а земјите од Западен Балкан мора да ги забрзаат реформите“, додаде Пахор.
Тој претходно на Твитер објави дека декларацијата е усвоена по тричасовни разговори.
Состанокот на лидерите се одржа во Словенија по повод десетгодишнината од процесот Брдо-Бриони, кој беше одложен двапати поради пандемијата на коронавирусот.
Станува збор за иницијатива што Пахор ја покрена во 2010 година во соработка со Хрватска, со цел зајакнување на меѓусебната доверба и помош на земјите од Западен Балкан на патот кон Европската Унија.
На состанокот присуствуваа претседателите на Хрватска, Северна Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Косово и претседавачот и членовите на Претседателството на БиХ.