Vesna Besic
06 Мај 2022•Ажурирај: 09 Мај 2022
ТУТИН (АА) - Усаме Зукорлиќ, претседателот на Партијата за правда и помирување (SPP) и син на починатиот Муамер Зукорлиќ, рече дека ексхумацијата на телото на неговиот татко е тежок момент за неговото семејство, јавува Агенција Анадолија (АА).
Меѓутоа, порача дека потребата за вистината за смртта на Муамер Зукорлиќ е поважна од емоциите.
Напладне, на гробиштата во селото Орље, на територијата на општина Тутин, во Санџак, Србија, започна ексхумацијата на телото на некогашниот главен муфтија на Исламската заедница во Србија (IZuS) и основач на Партијата за правда и помирување (SPP), Муамер Зукорлиќ.
Ексхумацијата, како што е објавено претходно, ја спроведува меѓународен стручен тим составен од обучени медицинари од Србија, Босна и Херцеговина и Германија.
Процесот на ексхумација го надгледува Државното обвинителство на Босна и Херцеговина.
Усаме се заблагодари на правосудните органи на Србија кои го уважиле речиси секое нивно барање.
„Меѓу другото, и да се формира меѓународна експертиза, иако не е обичај во практиката која ја има судот, дури во некој второстепен период се ангажираат странци. Меѓутоа, тие ја уважија нашата молба веднаш да се формира меѓународна експертиза“, изјави Усаме.
Рече дека неговиот татко, по обдукцијата ќе биде закопан во дворот на Џамијата „Алтун-алем“ во Нови Пазар.
„Од моментот кога е закопан во селото Орље, што беше желба на семејството, ние како семејство трпевме големи притисоци од пријателите и јавното мнение поради тоа што дозволивме великанот да се закопа далеку од градот, иако тоа е неговото родно село. Меѓутоа, Бог одреди да се случи ексхумација и отворена е можноста да се исправи таа историска грешка и муфтијата да се закопа во харемот на Џамијата „Алтун-алем“, со останатите великани, како што заслужува“, изјави Усаме.
Неофицијално, обдукцијата ќе биде извршена во Општата болница во Нови Пазар.