Балкан

Турција со донација на медицинска опрема за Косово за борба против Ковид-19

Денес помош од Турција е испратена и до други земји во регионот

Zylfije Adem Jakupi  | 08.04.2020 - Обновена : 08.04.2020
Турција со донација на медицинска опрема за Косово за борба против Ковид-19 Фото: Erkin Keçi/AA

ПРИШТИНА (АА) - Во Косово пристигна контингент заштитни средства и медицинска опрема, кои Република Турција ги донираше за косовските институции за управување со епидемиолошката ситуација со Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (AA).

Помошта пристигна со воен авион од Турција, а церемонијата на примопредавање се одржа на приштинскиот меѓународен аеродром „Адем Јашари“ во присуство на турскиот амбасадор во Косово, Чагри Сахар, вршителот на должноста министер за здравство, Арбен Вити, вршителот на должноста министер за инфраструктура и транспорт, Лумир Абдиџику, политичкиот советник на косовскиот претседател, Ардијан Арифај, и претставникот на ТИКА за Косово, Хасан Бурак Черан.

Амбасадорот Сакар рече дека помошта е испратена со одлука на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој на тој начин одговори на барањето за помош на косовскиот претседател Хашим Тачи.

„Меѓу оваа помош што дојде од Турција има маски, раквици и тестови за утврдување на оваа болест“, рече Сакар.

Тој посака оваа помош да стане „лек и здравје за косовскиот народ“ и порача дека е важно во тешките денови да се биде со пријателите.

Тој исто така рече дека денес помош е испратена и до други земји во регионот. Амбасадорот се заблагодари на турскиот претседател, на турското Министерство за здравство и на Турската полумесечина за оваа помош.

Ардијан Арифај, советникот на претседателот на Косово, во име на претседателот Тачи, се заблагодари за ваквиот брз одговор на Турција по разговорот што косовскиот претседател го имаше со претседателот на Турција на крајот од март.

Претходно денес, косовскиот претседател Хашим Тачи телефонски разговараше со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и се заблагодари за помошта.

„По мојот телефонски разговор со турскиот претседател Ердоган, добивме пакет медицинска помош од Турција за Косово за да помогне во борбата против Ковид-19. Длабоко сум благодарен на претседателот Ердоган и на Турција за поддршката на Косово во вакви, досега незапаметени времиња", напиша Тачи на социјалните мрежи.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.