Furkan Abdula
04 Декември 2017•Ажурирај: 05 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Амбасадорката на Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара одржа прес-конференција по повод Светскиот ден на лицата со попречност, каде што ја изрази својата поддршка и поддршката на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за Ертан Шакири, млад скопјанец со посебни потреби, и соопшти дека е основано здружение за солидарност со лицата со попречност под негово водство, јавува Anadolu Agency (AA).
Кара потсети дека на програмата за комеморација по повод 15 јули, денот кога во Турција се случи обидот за државен удар, се запознала со Шакири, кој потоа ја посетил амбасадата и побарал да се формира здружение за солидарност со лицата со попреченост. Кара вели дека за ова прашање разговарала со Турција и добила ветување дека ќе се отвори тоа здружение, под водство на Шакири.
Турската амбасадорка нагласи дека Шакири се сретнал со претседателот Ердоган за време на неговата посета во Македонија во 2011 година, и оти претседателот побарал од граѓаните и од невладините организации да се грижат за него.
Кара рече дека ја посетила куќата на Шакири, мала куќа во која живееле две семејства. Таа упати апел до сите добротвори да му помогнат на Шакири и посака Шакири да има куќа во која ќе има подобар живот.
Таа, нагласи дека во наредниот период Ердоган ќе ја посети Македонија, и оти посакува претседателот Ердоган да биде гостин во новата куќа на Шакири.
Кара нагласи дека на овој начин ќе ја реализираат својата обврска, и дека здружението ќе биде за доброто на сите лица со попречност, без разлика од нивната етничка припадност.
Од друга страна, 24-годишниот Шакири, во изјава за АА истакна дека претседателот Ердоган побарал од бизнисменот Ајдован Адемоски да се грижи за него, кој од тој период му дава плата со цел да му помогне.
Шакири информираше дека со претседателот Ердоган повторно се сретнал за време на неговата посета на Косово во 2013, и во Албанија во 2015 година.
„Фала му на Бога, се сретнавме и таму. Побара од нас да се молиме за него“, рече Шакири.
Шакири се осврна и на неговата средба со амбасадорката Кара. „Почитуваната амбасадорка Тулин Еркал Кара рече дека сум нивна грижа и оти секогаш ќе бидат со мене“, додаде Шакири.