Besar Ademi
04 Декември 2017•Ажурирај: 05 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ) на Македонија, Сулејман Реџепи, и поглаварот на Исламската верска заедница на Србија, Суад Насуфовиќ, апелираа до муслиманите да ги почитуваат правните субјекти кои ги претставуваат, да соработуваат со нив, додека правата и заштитата на исламот да ги најдат во правните институции, имено институциите на исламската заедница што ги претставува муслиманите во една земја, јавува Anadolu Agency (АА).
Насуфовиќ, во придружба на делегација од српската ИВЗ е во посета на македонската ИВЗ. По состанокот меѓу двете делегации, кој се одржа во седиштето на ИВЗ во Скопје, лидерите на институциите на исламските заедници во двете земји упатија апел.
Реџепи посочи дека заемните посети, како и вистинската, братска соработка меѓу исламските заедници треба да се практикуваат низ целиот балкански регион.
Во меѓувреме, Насуфовиќ нагласи дека институцијата што тој ја води и македонската ИВЗ ги делат истите вредности како европски муслимани, но исто така, и истите грижи и проблеми. Тој додаде дека соработката и размената на идеи меѓу исламските заедници ќе придонесат за решавање на проблемите и грижите на муслиманите.
Запрашан за странските борци кои заминуваат да се борат во странски земји, како што се Сирија и Ирак, Реџепи рече дека е точно оти од Македонија отишле во странски војни, но додаде дека причината за нивното заминување е тоа што тие луѓе се исто така изгубени во нивниот дом.
„Сирија и Ирак не се наши фронтови, тие не се нашата сопствена земја што треба да ја браниме. Значи, тајно, тие луѓе заминаа одовде и сега мораме да зборуваме за исламскиот радикализам овде. Тие се причина што го прават сомнително целото муслиманско население тука во Македонија, но и пошироко“, изјави Реџепи.
Тој нагласи дека е лажен мотивот дека странските борци одат во Сирија и во Ирак за да го заштитат исламот, туку, како што рече тој, нивниот мотив е материјалниот интерес, или плаќањето.
„Тие се платени војници. Не ја претставуваат ИВЗ, ниту муслиманите на овој свет, тие не претставуваат ништо од исламот“, вели тој.
Насуфовиќ ги поддржа зборовите на Реџепи и истакна дека исламот е строго против секој вид на екстремизам и радикализам.
„Исламот како верата на мирот е загрозен од радикалниот атеизам или екстремниот атеизам кој има свој датум кога почна, а тоа е 11 септември кога кулите близначки беа срушени. Од тој момент во светот почна да постои радикалниот или екстремен атеизам како удар на сите монотеистички религии“, истакна Насуфовиќ.