Dzihat Aliju
10 Јануари 2020•Ажурирај: 11 Јануари 2020
ТИРАНА
Министерот за животна средина и урбанизам на Турција, Мурат Курум, во рамки на посетата на Албанија се сретна со претседателот на оваа земја, Илир Мета, јавува Агенција Анадолија (АА).
Средбата се одржа во Кабинетот на претседателот на Албанија во Тирана, каде што Курум беше придружуван од страна на амбасадорот на Турција во Тирана, Мурат Ахмет Јорук, како и други функционери.
Курум во своето обраќање нагласи дека во рамки на инструкциите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, турските институции како Црвената полумесечина (Kizilay), АФАД, УМКЕ и тимовите на ова Министерство, пружиле рака на помош на терен по земјотресот кој се случи на 26 ноември во Албанија.
Тој информира дека почнувајќи од денеска, Турската црвена полумесечина во ова место почна да испраќа шатори, кои се предвидени да бидат 1.600, а извршиле испитувања за штети во 600 градби и подготвиле извештај околу тоа, кој го доставиле до Министерството.
Потсетувајќи дека Ердоган дал инструкции за градење на 500 станбени градби во Албанија по земјотресот што се случи во земјата, Курум рече дека почнале со подготовките во оваа насока, и дека кон крајот на месецот ќе почнат со изградба, изразувајќи надеж дека градбите ќе бидат комплетирани во следните шест месеци.
Според него, целта на неговата посета на Албанија е дискутирање за проектите за изградба на овие станбени градби, потпишување протокол во врска со тоа и информирање на надлежните.
„Уште еднаш сакам да нагласам дека Република Турција, како што помага денес, и во иднина ќе продолжи да стои до Албанија“, додаде тој.
Од друга страна, претседателот на Албанија, Илир Мета, упати благодарност до турскиот претседател Ердоган, кој според него, многу се заинтересирал во оваа насока.
Мета рече дека помошта на Турција била дадена многу брзо, и дека Турција има многу ефективни активности што се однесува до менаџирање на катастрофите.
Осврнувајќи се на развивањето на соработката во насока на менаџирањето на катастрофите, Мета нагласи дека во Турција се наоѓаат значајни институции во оваа област.
Според Мета, двете земји се многу блиски една кон друга од историски аспект. Тој укажа на важноста на споделување на добрите и лошите моменти.
Меѓу другото, по оваа средба Курум ја посети Етем-беговата џамија која беше реставрирана од страна на ТИКА.
Курум потоа се сретна и со албанската министерка за култура, Елва Маргарити.