Admir Fazlagikj
07 Септември 2018•Ажурирај: 07 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, упати честитка до претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, по повод Денот на независноста - 8 Септември, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што се наведува во честитката, објавена од Амбасадата на САД во Скопје, Договорот од Преспа го отвора патот на Македонија за членство во НАТО и во ЕУ: „Македонија има многу причини годинава да биде горда. Историскиот Договор од Преспа го решава долгогодишниот спор за името со Грција и го отвора патот на Македонија за членство во НАТО и во ЕУ. Договорот и членството на Македонија во НАТО ќе ги зајакнат безбедноста, стабилноста и просперитетот во целиот регион. САД се подготвени да ја поддржат Македонија, особено во претстојните разговори за вашето членство во НАТО. Им посакувам сè најдобро на македонските граѓани на овој посебен ден“, пишува во честитката од Трамп до претседателот Иванов.
Република Македонија на 8 септември ќе одбележи 27 години самостојност и независност, по успешно спроведениот референдум што се одржа на 8 септември 1991 година, на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.