Sibel Vezaj
20 Ноември 2018•Ажурирај: 21 Ноември 2018
ПРИШТИНА (АА) - Претседателот на Косово, Хашим Тачи, по неуспешното зачленување на Косово во Интерпол, истакна дека идниот чекор треба да биде целосното нормализирање на односите со Србија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Тачи, во изјава за медиумите во Дубаи, каде што се одржува 87. Генерално собрание на Интерпол, изјави дека Интерпол е еден механизам на редот и законот, и дека Косово сака да биде само дел од придонесот кон мирот, стабилноста, глобалната борба против корупцијата, организираниот криминал, тероризмот, киберборбата и другите негативни феномени.
„За жал, тоа за Косово денес беше одбиено на неправеден начин. Истовремено, покрај внатрешните настани, уште еднаш треба да се разјасни за јавноста во Косово дека дефинитивно, Косово и Србија, наместо да си пречат една на друга, треба да постигнат конечен договор еднаш засекогаш, и да постигнат нормализирање, под што се подразбира брзо движење кон Европа за двете земји; во спротивно, цената ќе ја платат двете наши земји, попречувајќи си една на друга“, рече тој.
Тачи нагласи дека Косово заслужило и ги исполнило сите критериуми за членство. „Косово овој пат ги исполни сите критериуми и стандарди. Идниот чекор треба да биде целосно нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, како две независни и суверени земји“, додаде Тачи.
„Јас не верувам во палестинското патешествие на Косово, туку во една постојана одлука во преговорите и на затворање на процесот меѓу Косово и Србија еднаш засекогаш. Нагласувам, од една земја која вршела масакри, етничко чистење со димензии на геноцид против Албанците во Косово, да не очекуваме дека нема да нѐ попречи. Туку, кога нѐ попречува, и покрај нашите максимални ангажмани, денес во еден механизам кој не е политички, туку механизам на редот и законот, тогаш навистина е нешто претерано“, истакна Тачи.
Косовскиот претседател го повика целиот политички институционален спектар за единство, за една заедничка државна платформа, за еден постојан договор со Србија, под кој, според него се подразбира заемно признавање и автоматско членство на Косово во сите меѓународни организации, вклучувајќи ги и НАТО, ЕУ и ОН.
„Ние треба да бидеме на една целосна линија со САД и ЕУ за дијалогот Косово - Србија да го завршиме со еден постојан договор кој ќе ги реши проблемите еднаш засекогаш“, рече Тачи.
„Не сме први, ниту последни земји кои имале војна меѓу себе, не сме први, ниту последни земји кои имале конфликти, не сме први, ниту последни земји кои реализираат преговори. Како што Германија и Франција постигнаа договор по Втората светска војна, зошто да не постигнат договор Косово и Србија, еден мировен договор“, додаде тој.
Потсетуваме, Генералното собрание на Интерпол на својата 87. сесија гласаше против членството на косовската полиција во оваа организација.