Fatjon Cuka
27 Ноември 2019•Ажурирај: 28 Ноември 2019
ТУМАНА (АА) - Претседателот на Република Косово, Хашим Тачи, во солидарност со семејствата на жртвите од земјотресот во Албанија, ја посети административната единица Тумана во округот Драч. Во моментот кога Тачи даваше изјава за медиумите, се случи друг силен земјотрес поради што завладеа паника, јавува Агенција Анадолија (AA).
Тачи се сретна со жителите погодени од земјотресот, чии домови се оштетени, кој во моментот се сместени во шатори.
Во изјава за медиумите, Тачи рече дека денес во Косово е ден на жалоста.
„Би сакал да искажам најискрено сочувство од име на институциите на косовската држава, на косовскиот народ, до институциите на Албанија. Сочувство до сите семејства кои ги загубија своите најблиски. Посакуваме брзо закрепнување на повредените“, истакна Тачи.
Косовскиот претседател понатаму истакна дека и во добри и во лоши денови секогаш владее обединетост.
„Денес сме тука да ја покажеме нашата целосна солидарност. Се чувствувам многу горд на работата што ја направија косовските жени и мажи, војниците кои пристигнаа утрово. Денес Косово е во ден на жалост, Албанија е во жалост. Во добри денови и во лоши денови бевме обединети и секогаш ќе бидеме обединети. Секоја болка на Албанија е болка на Косово.“
Во меѓувреме, додека Тачи даваше изјава за медиумите, се случи уште еден земјотрес со јачина од 5,6 степени со епицентар во Јадранот, предизвикувајќи паника.
Според официјалните податоци од Министерството за одбрана на Албанија, бројот на загинати лица во вчерашниот земјотрес, кој го погоди подрачјето на Драч, се искачи на 28.