БОДРУМ (АА) - Во период од десет години работење, „ТАВ Аеродроми“ речиси четирикратно го зголеми бројот на патници на аеродромите во Северна Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Ова беше истакнато на прес-кофенрецијата во турскиот град Бодрум, организирана по повод одбележувањето на десеттата годишнина од управувањето со македонските аеродроми од страна на холдингот „ТАВ Аеродроми“.
Од страна на менаџментот на „ТАВ Аеродроми“ пред претставниците на македонските медиуми беше истакнато дека бројот на патници на „Меѓународниот аеродром Скопје“ и Аеродромот „Св. Апостол Павле Охрид“ заедно, кој беше 640 илјади во 2009 година, на крајот на 2018 година достигна бројка од 2,3 милиони патници, а се очекува да достигне 2,7 милиони патници во 2019 година.

Главниот извршен директор и претседател на холдингот „ТАВ Аеродроми“, Сани Шенер, во своето обраќање пред новинарите изјави дека турската Влада ја поддржува Северна Македонија кога станува збор за меѓународно ниво и изрази задоволство што се застапени во оваа земја, истакнувајќи дека нивното присуство е важно и за компанијата, но и за државата во која се наоѓаат.
Шенер информираше дека од 2010 година инвестирале 120 милиони евра во аеродромска инфраструктура и развој, а платиле вкупно 47,7 милиони концесиски такси и даноци.
„Инвестициските циклуси од почетокот на работата на ТАВ Македонија ги поместуваат сите сегменти на аеродромското работење. Од 15 дестинации на кои превозниците летаа од/до Скопје во 2010 година, денес бројот се зголеми на 44, додека бројот на патници, кој на двата аеродрома во 2009 година беше само 640 илјади, на крајот на 2018 година достигна бројка од 2,3 милиони. Очекуваме овој развој да продолжи со слично темпо во наредниот период, искористувајќи го потенцијалот на македонските аеродроми да станат заедно регионален центар и да придонесат за развој на македонската економија и деловните односи меѓу Македонија и Турција“, рече Шенер.
Тој додаде дека успехот на пазарот е постигнат како резултат на посветена работа на тимот на „ТАВ Македонија“, со цел да се обезбедат услуги со висок квалитет во секој сегмент, како и на поддршката од институциите во земјата кои се вклучени во авиосообраќајот.
„Достигнувањата дојдоа како резултат на одличната соработка со Владата и сите институции вклучени во воздухопловната индустрија, како што се Агенцијата за цивилно воздухопловство, М-НАВ, МВР, Царинската управа, авиокомпаниите и туроператорите кои работат на/од македонските аеродроми, нашите деловни партнери кои работат на двата аеродрома и патниците за користењето на нашите аеродроми“, рече Шенер и додаде:
„Покрај развивањето на мрежата на авиокомпании и авиолинии, ќе продолжиме да работиме и на подобрување на квалитетот на услугите за нашите патници и одржувањето на високо ниво на задоволство на клиентите со усвојување на најновите трендови и решенија во дејноста на аеродромското работење на двата македонски аеродрома.“
Меѓу другото Шенер порача дека „ТАВ е одлучен дека и натаму ќе продолжи со двоцифрениот пораст на бројот на патници и дека ќе продолжи да го развива скопскиот аеродром како главен центар за авиосообраќај на Балканот“.
- Аедродромите се изложбен салон за државите
Во контекст на важноста на аеродромските компании на глобално ниво, Шенер потенцираше дека аеродромските компании помагаат во развојот и во економијата на државите.
„Секаде низ светот аеродромските компании ќе се приватизираат, на овој начин всушност ќе се помогне на самите држави да се развиваат, затоа што аеродромите се всушност претставник на државите во кои се наоѓаат. Кога еден странец пристигнува преку аеродромот во Скопје, тоа всушност е првиот впечаток кој го добива за државата, кога ја напушта државата тука го добива и последниот впечаток за земјата. Аеродромите се всушност како еден изложбен салон за државите. Тие ја покажуваат финансиската способност за државата, инженерските способности и оперативниот капацитет на државата“, смета Шенер.
Тој додаде дека аеродромските бизниси претставуваат важна алатка за туризмот и со нив се отвораат патишта за странските директни инвестици.
Генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој, пред новинарите имаше презентација за тоа што „ТАВ Македонија“ сработила во изминатите десет години, а ги претстави и идните планови на компанијата.
Запрашан од новинарите за понатамошните активности на „ТАВ Македонија“, Ерсој, меѓу другото, рече дека расте бројот на шалтерите за пријавување (чекирање) на патниците, како и дека компанијата во континуитет работи на севкупното подобрување на квалитетот на услугите за патниците.
„Во Скопје ние ќе ја прошириме зоната за пријавување, затоа што сега имаме 10 шалтери, но откога авиокомпаниите бараа повеќе шалтери за пријавување, за да обезбедиме подобри услови, ние ќе додадеме десет нови шалтери за пријавување, како и неколку канцеларии за продавање карти“, истакна Ерсој.
Од „ТАВ Македонија“ потсетија на нивните досегашни признанија и награди, истакнувајќи дека доказ за практиката да обезбедат аеродромски услуги со висок квалитет е наградата ASQ од страна на Меѓународниот совет на аеродроми, што Скопскиот аеродром ја доби за 2018 година, по четврти пат, по наградите добиени за 2012, 2013 и 2015 година. Оваа престижна награда е доделена според искуствата на патниците и е светски репер за врвната услуга на клиентите.
„ТАВ Македонија продолжува да бележи зголемување на бројот на патниците. Првите 8 месеци од 2019 година ги заврши со вкупно 1,8 милиони патници (1.774.482), што е 12,1 отсто зголемување на годишно ниво и 14.744 летови (9,9 отсто зголемување на годишно ниво) на двата македонски аеродрома - Меѓународниот аеродром Скопје и Св. Апостол Павле во Охрид“, соопштија од „ТАВ Аеродроми“.
Бројот на вработени на „ТАВ Аеродроми“ на Скопскиот и Охридскиот аеродром е 1.100, од кои повеќе од 70 отсто работат во „ТАВ Македонија“, а останатите во сестринските компании на ТАВ, односно БТА, АТУ, ТАВ МОС, ТАВ Технолоџис и Еуроклин.