Bekim Laci
06 Јуни 2018•Ажурирај: 06 Јуни 2018
СКОПЈЕ (АА) - Средните технички училишта од Македонија, Србија, Грција, Бугарија и Албанија, ќе основаат една регионална мрежа на средните технички училишта, преку која ќе аплицираат за заедничко учество во проектите и фондовите на Европската Унија (ЕУ), кои имаат цел, оспособување на учениците да бидат конкурентни на пазарот на трудот. Поради оваа причина, во Скопје започна „Конференција за градење искуство со проекти за подобрување на механизмите за подобро практично образование во регионот“, јавува Anadolu Agency (AA).
Биљана Глигорова, коорганизатор на оваа конференција, а воедно и директорка на средното техничко училиште „Васко Тасевски“ во Скопје, истакна дека нејзиното училиште, во изминатиот период имало одлична соработка со училиштата на горенаведените земји, и дека преку оваа соработка дошло до формирање на таканаречената „мрежа на пријателство“, преку која ќе аплицираат за средствата кои ги доделува ЕУ, кои овозможуваат подобро стручно образование за оспособување на учениците да бидат конкурентни на пазарот на трудот.
„Иницијативата за оваа прва регионална конференција произлезе од соработката со Центарот за развој „АКЕТ“ од Тесалија. Се надевам дека денес ќе го направиме првиот чекор кон регионалното вмрежување на средните стручни училишта, ќе тргнеме по заеднички зацртаниот пат и ќе ги искористиме сите механизми за подобро и поквалитетно образование“, рече Глигорова.
На оваа конференција се обрати и градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, кој рече дека оваа конференција има посебно значење, бидејќи нејзините плодови можат да резултираат со прекугранична соработка за заедничко учество во меѓународни фондови, кои ќе им овозможи на учениците подобро стручно оспособување, потребно за пазарот на трудот.
Акилис Костулас од Центарот за развој „АКЕТ“, нагласи дека во фокусот на неговата организација е регионалната соработка во цела Европа. Костулас нагласи дека конечно овој регион ќе започне со една конкретна соработка, преку официјализирање на мрежата на стручните училишта.
„Тука сме да ги споделиме со вас нашите искуства во врска со фондовите на ЕУ. Мојата цел е оваа мрежа да размени мислења за заедничките активности кои можат да се реализираат, како една почетна точка за проектите за развој, без разлика дали ќе бидат финансирани од страна на регионални фондови или од фондови на ЕУ“, рече тој.
Грчкиот експерт нагласи дека со нетрпение чека да ги слушне барањата и потребите на училиштата од Македонија, како и целите кои ги имаат, за на тој начин да може да ги сподели искуствата на Грција.
Денешната конференција ќе заврши со потпишување на меморандум за соработка за вдлабочување на регионалната мрежа на средните технички училишта за заедничко учество во меѓународните проекти и фондови.