Oktaj Omeragikj
08 Април 2025•Ажурирај: 11 Април 2025
Министерот за правда на Северна Македонија, Игор Филков, денеска се состана со неговиот колега од Црна Гора, Бојан Божовиќ. Двајцата министри потпишаа заедничка изјава за соработка во областа на владеењето на правото и независноста на судството.
„Двете држави имаат многу сличности во процесот на реформи, особено во полето на евроинтеграцијата, и од таа причина на средбата се разменети искуства и практики кои ќе помогнат во надминувањето на предизвиците на патот кон Европската Унија“, истакна министерот Филков.
Тој додаде дека потпишувањето на заедничката изјава за соработка ќе ја реафирмира заложбата и размената на искуства меѓу двете земји во неколку клучни области, како што се зајакнување на владеењето на правото и независноста на судството во контекст на ЕУ-интеграцијата; подобрување на судската независност и правната сигурност; заеднички напори во борбата против корупцијата и организираниот криминал; поддршка за правните реформи и зајакнување на институциите, вклучувајќи можности за институционална и финансиска поддршка; дигитализација на судските процеси и зголемена транспарентност преку е-услуги.
Министер Божовиќ посочи дека двете земји немаат отворени прашања и дека соработката би можела да се продлабочи повеќе, со оглед на успешната соработка во делот на владеењето на правото.
„Соработката може да биде навистина многу интензивна, а тоа се гледа во нашите заеднички заложби на патот кон ЕУ. Денеска видовме дека министерствата за правда навистина можат заедно да соработуваат на сите технички и експертски полиња, а тоа навистина може да резултира со членство во Европската Унија“, истакна Божовиќ.
Запрашан дали по вчерашната посета на Каја Калас, високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседател на Европската комисија, Црна Гора добила некакви гаранции, министерот Божовиќ рече дека Црна Гора планира до крајот на 2026 година да ги затвори сите преговарачки поглавја, а во 2028 година да влезе во Европската Унија.
„Република Хрватска не даде согласност за затворање на едно поглавје, а тоа е 31-то, кое се однесува на надворешната политика. Преговарачкото поглавје е едно од последните кои инаку се затвораат, така што, верувам дека преку дијалог со Република Хрватска ќе ги решиме сите отворени прашања“, рече Божовиќ.