САРАЕВО (АА) - Нашите две земји имаат многу добри и пријателски односи, без отворени прашања. Делевме бурно минато и убеден сум дека нашата мирна и просперитетна заедничка иднина е во Европската Унија и НАТО, изјави заменик-претседавачката на Советот на министри и министерка за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисера Турковиќ, по средбата со министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, јавува Агенција Анадолија (АА).
- Средба Османи - Џаферовиќ: БиХ и Северна Македонија немаат отворени прашања -
Како што рече таа, на 26 април ќе се одбележи 30-годишнината од признавањето на вратената независност на Босна и Херцеговина од страна на Северна Македонија.
„Имавме многу значајни разговори полни со разбирање и договор, особено кога станува збор за ситуацијата во нашиот регион, но и во Европа, особено по руската агресија врз Украина. Недвосмислено го осудуваме насилството во Украина. Се согласуваме дека постои основан страв и ризик од ескалација, тоа може да го дестабилизира и овој дел од Европа“, објасни Турковиќ.
Во разговорот се согласија дека постои јасно, изводливо и единствено трајно решение за Западен Балкан, кое ќе го отстрани тој ризик, а тоа е напредок кон полноправно членство во Европската Унија (ЕУ) и НАТО.
„Изразив жалење поради неусвојувањето на преговарачката рамка за Северна Македонија. Ние во Босна и Херцеговина неодамна испративме барање БиХ да добие кандидатски статус за членство. Гледаме дека во Брисел и европските престолнини расте свеста дека мора да се забрза напредокот на земјите кон членство, да се реформира проширувањето, а дека одолговлекувањето само ги охрабрува оние кои сакаат преку Балканот да ја дестабилизираат цела Европа“, изјави Турковиќ.
Таа потсети дека пред три дена министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург повторно разговарале за Западен Балкан и заклучиле дека стратешкото присуство во регионот мора да се зајакне поради новиот геополитички контекст, по руската инвазија на Украина.
„Но Северна Македонија, како и Босна и Херцеговина, Албанија, Србија и Црна Гора и граѓаните од целиот регион, очекуваат подиректни и похрабри одлуки од Европската Унија. Најефективниот начин на кој Европската Унија може да одговори на потенцијалната дестабилизација на Балканот е да се признае напредокот, а тој не е мал, особено кога е Македонија во прашање, и ѝ овозможува на секоја од земјите да преземе клучни чекори кон членството во Унијата“, рече Турковиќ.
Тој ја поддржува идејата на Османи да се соберат министрите за надворешни работи од регионот и во новите околности да упатат заеднички апел за забрзување на европската интеграција.
„Кога станува збор за билатералните односи меѓу Босна и Херцеговина и Северна Македонија, тие се многу добри и пријателски, без отворени прашања. Двете земји се заинтересирани за унапредување на сеопфатните билатерални односи, особено за економската соработка. На добрата билатерална соработка меѓу двете земји сведочи фактот што во изминатиот период се одржани голем број средби на високи претставници на билатерална и мултилатерална основа. Економската соработка меѓу Босна и Херцеговина и Северна Македонија не е на задоволително ниво и потребни се дополнителни напори за нејзино унапредување. Трговската размена стагнира веќе неколку години и областите интересни за соработка се сигурно металната, дрвната, прехранбената и текстилната индустрија“, нагласи Турковиќ.
Османи и Турковиќ разговараа и за остварување подобра транспортна поврзаност меѓу Сараево и Скопје: „...која не е на нивото што би сакале да биде, што значително влијае на нивото на економските односи. Се надеваме дека ќе има простор и дека конечно ќе се воспостави летот Скопје - Сараево. Помеѓу Босна и Херцеговина и Северна Македонија склучени се над 50 билатерални и 10 мултилатерални договори кои претставуваат добра правна основа за успешна соработка во различни области од заеднички интерес. Се работи за особено успешна посета и чекор кон јакнење на соработката и поблиско поврзување. Она што ни е потребно и особено важно е и дека Северна Македонија го поддржува напредокот на Босна и Херцеговина на нејзиниот евроатлантски пат“, истакна Турковиќ.
- Османи: „Се надевам дека многу скоро Босна и Херцеговина ќе добие кандидатски статус за членство во ЕУ“ -
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, од своја страна се осврна на евроатлантската перспектива на регионот на Западен Балкан, пренесувајќи ја безрезервната поддршка за амбициите на Босна и Херцеговина на тој пат
„Се надевам дека многу скоро Босна и Херцеговина ќе добие кандидатски статус за членство во Европската Унија, за што нашата држава е подготвена да го сподели своето знаење и искуство. Тоа е, секако, важно за граѓаните на земјата, но воедно претставува и интерес на сите земји од регионот“, нагласи Османи.
Министерот Османи посочи дека процесот на европската интеграција претставува силен поттик за спроведување на потребните реформи, и најдобриот начин земјите од регионот да ги достигнат европските цивилизациски придобивки.
„Во современото безбедносно и геополитичко опкружување, од клучно значење за стабилноста на регионот е да се обезбеди засилено и кредибилно присуство на Европската Унија и НАТО, што ќе претставува значајна инвестиција во идната безбедносна архитектура на континентот. Во однос на билатералната соработка беа разменети мислења, предлози и сугестии за конкретни проекти, со посебен акцент на интересот и потребата од засилување на трговската размена, во што значаен импулс може да даде организирањето бизнис-форуми меѓу економските партнери од двете држави, како и присутноста на деловните субјекти во едната и во другата држава. Еден од предизвиците на економската соработка може да биде и заедничкото учество на компаниите на двете земји на трети пазари“, се нагласува во соопштението од Владата на Северна Македонија.
Во Сараево, Османи беше примен и од претседaвачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ.
news_share_descriptionsubscription_contact
