Gorana Jakovljevic
12 Мај 2023•Ажурирај: 13 Мај 2023
САРАЕВО (АА) - Претседавачот со Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ) и министер за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, денес, во рамките на посетата на Босна и Херцеговина, се сретна со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ и Денис Беќировиќ, јавува Анадолија.
Од Претседателството на БиХ соопштија дека Комшиќ и Беќировиќ го изразиле своето задоволство од можноста со Османи да разговараат за актуелни теми од значење за Босна и Херцеговина и за регионот.
„Тие ја истакнаа важната улога и значењето на ОБСЕ во спречувањето конфликти, и ја изразија својата определеност за продолжување на соработката со цел зачувување на мирот и стабилноста во Босна и Херцеговина, регионот и светот“, се наведува во соопштението.
Членовите на Претседателството на БиХ му честитаа на министерот Османи за претседавањето со ОБСЕ во 2023 година и му пружија поддршка за работата и ангажманот на Северна Македонија во оваа најголема регионална безбедносна организација. Тие го поздравија фокусот на делувањето на претседавањето со ОБСЕ од страна на Северна Македонија, на потребите и интересите на луѓето, нивната благосостојба и безбедност, водени од основните вредности и принципи на оваа организација.
Османи ги запозна членовите на Претседателството на БиХ со приоритетите на работата, со цел унапредување на квалитетот на животот на луѓето преку помирување, дијалог, доверба и соработка во предизвикувачките и тешки времиња.
„Претседавачот на ОБСЕ рече организацијата го претставува постојаниот партнер на Босна и Херцеговина и дека преку својата Мисија и нејзините осум теренски канцеларии продолжува да дава поддршка за реформскиот пат за унапредување на животот на сите граѓани. Приоритет на активностите на ОБСЕ во БиХ ќе бидат помирувањето, градењето доверба, борбата против корупцијата и поддршката за учество на жените и младите во процесот на донесување релевантни одлуки“, се истакнува во соопштението.
Османи на членовите на Претседателството на БиХ им го честита доделувањето кандидатски статус, изразувајќи уверување дека Босна и Херцеговина на европскиот пат ќе направи напредок во сите области и за доброто на граѓаните, во што ОБСЕ, во рамките на своите капацитети, ќе продолжи со поддршката.