Sanja Janackovic
09 Јули 2020•Ажурирај: 09 Јули 2020
НИШ (АА) - Илјадници граѓани протестираат вечерва и во Ниш, град во јужна Србија. Тие се собраа пред зградата на Градското собрание, од каде со протестен марш преку Плоштадот крал Милан стигнаа до Градската куќа. Досега протестот се одвива без поголеми инциденти, јавува Агенција Анадолија (AA).
Група демонстранти во моментот се наоѓа пред просториите на Српската напредна партија, каде што фрлаа камења кон просториите и ја кон сликата на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Демонстрантите, како одговор на изјавите на властите од почетокот на епидемијата дека „се бориме против невидлив непријател“, го носеа транспарентот „Нашиот непријател не е невидлив“. Демонстрантите немаа партиски, ниту обележја на други организации.
Се слушаа извици како „Вучиќ, оставка“, „крадци, крадци“, „предавство, предавство“, „Вучиќ, нè продаде!“
„Дојдов на протестот затоа што се борам против самоволието на државата. Сакам држава која се залага за интересите на граѓаните, а не за интересите на малкумина, кои се подготвени да ги жртвуваат животите на граѓаните за да останат на своите позиции“, рече Бојан Благојевиќ, еден од демонстрантите.
За разлика од протестот во Белград, каде што се судрија полицијата и демонстрантите, што резултираше со десетици повредени, собирот во Ниш беше релативно мирен, речиси и да немаше полиција во униформа.
Повикот за овој „народен протест“ денеска беше споделуван на социјалните мрежи со зборовите: „Србија се крена, стоп за лоповите и насилниците“.