Talha Öztürk
21 Мај 2019•Ажурирај: 22 Мај 2019
БЕЛГРАД (АА) - Србија ја презеде испораката на цевки за изградбата на својот дел од гасоводот „Турски тек“, за пренос на рускиот природен гас во Европа, соопшти денеска српскиот министер за енергетика, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Околу 7.000 тони цевки пристигнаа вчера, а над околу 50.000 тони се очекува да бидат испорачани до декември, кога проектот треба да се заврши“, истакна Александар Антиќ во телевизиско интервју.
„Србија станува транзитна земја и ќе генерира приходи од тоа. Гасоводот ќе овозможи понатамошна реиндустриализација на земјата“, истакна Антиќ.
Тој рече дека во изградбата на делот од гасоводот од бугарската граница до границата со Унгарија учествуваат и странски и домашни компании.
Антиќ рече дека Србија не очекува да се соочи со одредени финансиски проблеми во однос на финансирањето на изградбата на 403-километарскиот цевовод.
„Турски тек“ е проект кој ќе го пренесува рускиот гас преку гасоводот под Црното Море. Заобиколувајќи ја Украина, продолжува низ Бугарија, Србија и Унгарија.
Проектот „Турски тек“ се состои од две линии преку Црното Море, од кои првата ќе служи за пренос на гас за Турција и е со капацитет од 15,75 милијарди метри кубни, додека втората линија е планирана за пренос на гас во Европа. Секоја гасоводна линија е долга 930 километри, поставена на длабочина која достигнува и 2.200 метри.
Проектот претставува гасовод со најголемиот дијаметар во светот поставен на толкави длабочини. Подводното поставување на цевките беше спроведено од најголемото пловило за изградба во светот „Pioneering Spirit“.