Andelija Stojkovic
21 Мај 2019•Ажурирај: 22 Мај 2019
БЕЛГРАД (AA) - Собранието на Србија денеска усвои измени на Кривичниот законик и измени на Законот за кривична постапка, со што како највисока казна во Србија се воведува доживотен затвор, јавува Anadolu Agency (AA).
Доживотната казна ќе ја замени досегашната казна до 40 години затвор.
Најстрога казна може да биде изречена поради најтешки кривични дела против животот и телото, и кривични дела против полова слобода во случаи кога поради извршување на делото, настапила смрт на дете, малолетник, бремена жена и немоќно лице.
Доживотната казна се однесува и на делото убиство на претставник на највисоките државни органи, тешки дела против уставното уредување и безбедноста на Србија, здружување поради вршење кривични дела, геноцид, злосторство против човештвото, низа воени злосторства, уништување и оштетување на нуклеарен објект и загрозување на лица под меѓународна заштита.
Со овие измени на Законот се укинува условниот отпуст за одредени кривични дела и судот не може условно да отпуши осуденик за кривични дела - тешко убиство, силување, обљуба над немоќно лице, обљуба над дете и обљуба со злоупотреба на положбата.
Доживотната казна затвор не може да се изрече на лице кое во време кога го извршило кривичното дело имало помалку од 21 година.
Фондацијата „Тијана Јуриќ“ на 9 ноември 2017 година, до Собранието на Србија поднесе народна иницијатива за измени и дополнувања на Кривичниот законик, која ја поддржаа 158.460 граѓани на Србија. Со таа иницијатива е побарано воведување доживотна казна за силување деца, малолетници или бремени жени, чијшто живот, како резултат на извршеното дело, завршува со смрт.