Admir Fazlagic
21 Мај 2019•Ажурирај: 21 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) - Со две прелетувања во воздушниот простор на Република Северна Македонија изутринава беше извршен првиот пробен лет за потребите на НАТО мисијата „Air Policing“ (чување на воздушниот простор), пренесува Anadolu Agency (AA).
Летот го извршија воздухоплови на вооружените сили на Република Грција.
Целта на летот е проверка на комуникациите и радарската покриеност на нашиот воздухопловен простор.
„Летовите се во функција на подготовката и исполнувањето на условите од страна на Република Северна Македонија во делот на воздухопловството како идна рамноправна членка во системот на колективна безбедност“, соопшти Министерството за одбрана на Северна Македонија.
Мисијата „Air Policing“ е мирновременска задача на НАТО, која вклучува користење на системот за следење на воздушниот простор и управување со системот за команда и контрола на воздухопловните сили со соодветни сили и средства за противвоздушна одбрана, со цел заштита на воздушниот простор на земјите членки на НАТО.