Aleksandar Savanovic
01 Декември 2024•Ажурирај: 02 Декември 2024
НОВИ САД (АА) - Граѓански протест по повод еден месец од трагичните настани кога падна покривот на реконструираната Железничка станица, во кој загинаа 15 лица се одржа во Нови Сад. Собирот започна во 11 часот и 52 минути, точно во моментот кога се случи трагедијата, а заврши на централниот градски плоштад Слобода, кој беше обоен во црвено од учесниците на протестот, известува Анадолу.
Собирот организиран од студентските и граѓанските организации „Став“ и „Свиќе“, се одржа за да се изрази жалост и солидарност со жртвите во трагедијата и да се повторат барањата за оставка на српскиот премиер и поранешен градоначалник на Нови Сад, Милош Вучевиќ, како и актуелниот градоначалник Милан Ѓуриќ.
Учесниците на протестот, меѓу кои имаше претежно млади луѓе, во молк пешачеа од Железничката станица до Плоштадот Слобода, попатно застанувајќи на 15 локации, во знак на сеќавање на 15-те жртви на трагедијата.
Тие во тишина поминаа и покрај просториите на владејачката Српска напредна странка, пред која членувите, со своите тела ги штитеа партиските канцеларии на Булеварот на ослободувањето.
Платото околу споменикот на Светозар Милетиќ пред Градското собрание, каде сѐ уште се гледаат трагите од протестот од 5 ноември, е обоен во црвено со пораките „Корупцијата убива“, „Рацете ви се крвави“ и „Ќе одговорите “.
Во Градското собрание имаше силни полициски сили опремени за разбивање на демонстрациите, но немаше потреба да се интервенира, бидејќи немаше инциденти.
Насобраните граѓани порачаа дека е недозволиво институциите да останат невнимателни кон трагедиите кои ја погодуваат заедницата. На транспарентите пишуваше „Правда за сите“ и „Зошто молчите?“, со јасна порака дека ќе продолжат да протестираат сѐ додека не се исполнат нивните барања.
Првиот последователен протест е закажан за утре пред Гимназијата „Јован Јовановиќ - Змај“ на кој ќе им дадат поддршка наставниците и учениците од училиштето кои беа нападнати од власта заради учеството на протестите, а вториот ќе биде во вторник пред одржувањето на седницата на градскиот парламент во Нови Сад, на која ќе се расправа за иницијативата на опозицијата за смена на Милан Ѓуриќ од функцијата градоначалник.