Abdula Berisha
24 Јуни 2020•Ажурирај: 25 Јуни 2020
СКОПЈЕ
Премиерот на техничката Влада на Северна Македонија, Оливер Спасовски, рече дека реализацијата на правото на глас нема да го загрози здравјето на граѓаните, повикувајќи на поголема излезност на изборите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Предвремените парламентарни избори во Северна Македонија се закажани за 15 јули, а премиерот Спасовски на денешната видео прес-конференција изјави дека доколку се почитуваат мерките, ризикот да се заразите со коронавирус при гласање е помал отколку од одењето во маркет.
Тој потсети дека предизборната кампања започнува денес, додавајќи дека овој изборен процес ќе се одвива во услови на пандемија „каква што не се памети во поновата светска историја“.
Спасовски рече дека е потребно континуирано функционирање на сите државни институции, со посебен акцент на Собранието и Владата, додавајќи дека „изборите се решението за успешно излегување од оваа здравствена, социјална и економска криза“.
„Правото на граѓаните да го користат својот глас нема да го загрози нивното здравје. Се повикувам на епидемиолозите кои потенцираат дека процесот на гласање не ги изложува гласачите на ризик доколку ги почитуваат мерките. На гласачките места се задржуваме 3 до 5 минути, што е помалку од нашето одење во маркет или на пазар“, рече Спасовски.
Тој додаде дека е важно мерките за заштита, односно носењето маска и оддалеченоста да се спроведат и на денот на изборите и во текот на предизборната кампања.
Спасовски исто така рече дека ова се први избори што Северна Македонија ги организира како земја членка на НАТО и во завршна фаза пред членството во ЕУ, истакнувајќи дека ова е дополнителна обврска и мотив за одржување на изборите според европските стандарди.
Потсетуваме дека на 16 јуни, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, го потпиша Решението за распишување на предвремените парламентарни избори за 15 јули.
Ова следуваше откако ден претходно лидерите на двете најголеми политички партии во земјава, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, постигнаа договор за датумот на изборите.
Предвремените парламентарни избори првично закажани за 12 април беа одложени поради пандемијата на коронавирусот во Северна Македонија.