Toni Avramov
23 Јуни 2017•Ажурирај: 24 Јуни 2017
ГЕВГЕЛИЈА (АА) - По повод осмата ротација на припадниците на словачката полиција кои спроведуваат патролни активности заедно со припадниците на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, на границата со Грција, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и амбасадорот на Република Словачка во Македонија, Мартин Безак, го посетија прифатниот центар за мигранти „Винојуг“ во Гевгелија, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Спасовски и амбасадорот Безак беа запознаени со активностите што се дел од секојдневието во прифатниот центар „Винојуг“, на полицајците и ангажираните лица, а присуството се искористи и за посета и разгледување на дел од просториите.
Како што истакна министерот Спасовски, целта на посетата е средба со полицајците од Словачка кои се во контингентот заедно со полицајците од Македонија што ја штитат границата на Македонија со Република Грција.
„Исклучителна е благодарноста на Република Македонија кон Република Словачка затоа што помошта стигна кога ни беше најтешко, не само со испраќање на контингенти со полицајци, туку и техничката помош којашто беше потребна за министерството. Констатиравме дека ваква криза се решава само со заемна соработка и солидарност. Тоа го потврдивме и заклучивме дека само со заеднички настап можеме да се справуваме со идната криза доколку добие на интензитет. Сега-засега, имаме стабилна состојба, дури и илегалната миграција е во сериозен пад“, истакна Спасовски на средбата.
Заблагодарувајќи се на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, амбасадорот на Базек додаде: „Миграцијата не е национален, регионален, ниту пак европски проблем, тоа е глобален феномен што бара синергија и соработка. Од витален интерес за Република Словачка е таканаречената балканска миграциска рута да остане затворена и криумчарењето да се спречи колку што е можно повеќе. Нашиот водечки принцип во менаџирањето на кризата е ефективната солидарност. Со други зборови, секоја членка на Европската Унија да придонесе на свој начин во справувањето со овој проблем. Досега, во овие осум ротации испративме 190 полицајци, а до крајот на годината уште десетина“, изјави амбасадорот Безак.
Тој потсети дека во летото 2015 година Словачка на Македонски железници им позајми осум вагони за да можат мигрантите да се транспортираат до Табановце и рече дека оваа држава е единствената што помогна на овој начин.
Обиколувајќи ги просториите што се изградени во просторот на прифатниот центар „Винојуг“, гостите беа запознаени и со начинот на спроведување и регистрирање на мигрантите, постапката и сместувањето во центарот.
Моментално, во прифатниот центар за бегалци „Винојуг“ во Гевгелија има 13 бегалци, од кои 7 се деца, а 6 се возрасни лица.