Stipe Majic
04 Декември 2018•Ажурирај: 04 Декември 2018
ЗАГРЕБ (АА) - На завршувањето на едногодишното хрватско претседавање со Средноевропската иницијатива (SEI) во Загреб, денес се одржува Самит на оваа организација, посветен на темата „Изградба на безбедност, јакнење на економијата, овозможување напредок“, јавува Anadolu Agency (AA).
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, по воведното обраќање и состанокот на врвот извести дека Хрватска ги остварила главните цели од членството во Средноевропската иницијатива, но дека соседните земји на југоисточниот и источниот дел на Европа сѐ уште ги имаат тие предизвици и цели пред себе.
Како клучни теми на одржаниот Самит го наведе јакнењето на конкурентноста во регионот на Средноевропската иницијатива во Европа, обезбедување квалитетен раст и живот на жителите на 18 земји членки на Средноевропската иницијатива и соочување со проблемот на миграциите како клучна тема на европското ниво во изминатите неколку години.
„Како Средноевропска иницијатива соочени сме со два главни миграциски правци, Италија преку Средномедитеранската рута, Хрватска и другите членки на југоисточниот дел на Европа преку Источномедитеранската или Балканска рута. Секој на свој начин треба да даде свој придонес за спречување на незаконските миграции, јакнење на контролата на границите, добрата комуникација и Договорот за реадмисија“, изјави Пленковиќ.
Тој додаде дека за Хрватска, како за членка на ЕУ, важна е заштитата на надворешните граници на ЕУ во светот на хрватските напори кон членството во шенгенскиот простор.
Тој истакна дека на состанокот се осврнале и на прашањето за Украина, исто така членка на Средноевропската иницијатива.
„Во резимето на нашиот состанок јасни се три пораки: прво, дека е неприфатливо кршењето на меѓународното право во Керчискиот Премин и Азовското Море; второ, дека се повикува Русија да ги ослободи украинските морнари и три брода кои ги запленија, и уште еднаш се повикавме на поддршката на полната територијална целост и интегритетот на Украина“, изјави Пленковиќ по состанокот.
Тој истакна дека Хрватска, од својата вкупна надворешнотрговска размена, дури 55 отсто има со членките на Средноевропската иницијатива, со Австрија над 2,5 милијарди евра, со БиХ 2 милијарди, со Италија 4,7 милијарди итн...
Утринава пред состанокот на врвот, премиерот Пленковиќ беше домаќин на Деловниот форум на Средноевропската иницијатива под називот „Иновации до конкурентност“, во организација на Хрватската стопанска комора (HGK).
Вчера во Загреб допатуваа пет премиери на земјите членки на Средноевропската иницијатива, но на денешниот состанок на врвот во Хотелот „Вестин“ не учествуваше унгарскиот премиер Виктор Орбан и романската премиерка Василија Викторија Данцила.
Централноевропската иницијатива (SEI) е основана пред 29 години, со идеја да се помогне на земјите на регионот во пристапувањето во ЕУ, а вбројува 18 членки, со тоа што 10 се членки на ЕУ, 5 во процес на придружување, а 3 земји се членки на источното партнерство.
Меѓу учеснициите на состанокот во Загреб е и премиерот на Република Македонија, Зоран Заев.
Организацијата е основана во 1989 година во Будимпешта, а во членството денес се Албанија, Австрија, Белорусија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Црна Гора, Чешка, Хрватска, Италија, Унгарија, Македонија, Молдавија, Полска, Романија, Словачка, Словенија, Србија и Украина .
Претседавањето со Средноевропската иницијатива од Загреб, Хрватска, го презема Италија.