Besar Ademi
30 Ноември 2017•Ажурирај: 01 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Собраниската Комисија за деловничко и мандатно-имунитетни прашања упати предлог до Собранието на Македонија да им го укине имунитетот на шестмина пратеници поради нивното учество во насилните настани на 27 април во Собранието, јавува Anadolu Agency (AA).
Комисијата со пет гласа „за“, ниеден „против“ и „воздржан“, гласаше одделно за секој пратеник. На седницата беа присутни пратениците на парламентарното мнозинство, а нивните колеги од опозицијата не се појавија во салата каде што се одржа седницата.
Врз основа на одлуката на Комисијата, Собранието одлучува за барањето за притвор на пратениците најдоцна во рок од три дена од приемот на барањето. За укинување на имунитетот на пратеникот, потребно е просто мнозинство.
До Комисијата за деловничко и мандатно-имунитетни прашања, претседателот на Собранието на Македонија вчера ги поднесе барањата за одобрување на притвор за шестемина пратеници, поднесени од страна на Основниот суд Скопје, Оддел за организиран криминал и корупција, на 28 ноември 2017 година.
Комисијата за деловничко и мандатно-имунитетни прашања, предводена од страна на претседателот Павле Богоевски и заменик-претседателот Петар Атанасов, составена е од осуммина членови и осуммина нивни заменици. Пратениците од власта имаат мнозинство во Комисијата за деловничко и мандатно-имунитетни прашања, така што одлуката беше усвоена и без присуство на опозицијата, односно на ВМРО-ДПМНЕ.
Шесттемина пратеници за кои беше предложено да им биде укинат имунитетот, се пратеници на ВМРО-ДПМНЕ (Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Жаклина Пешевска). Овие пратеници се наоѓаат меѓу 36 лица кои Основното јавно обвинителство (ОЈО) ги обвинува за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата“, во врска со настаните во Собранието на 27 април годинава.
Кривичниот суд во Скопје во текот на вчерашниот ден објави соопштение во коешто се наведува дека постапувајќи по предлог на ОЈО за организиран криминал и корупција за определување мерка притвор, пред судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје на 28 ноември беа спроведени 24 лица, за кои по нивно произнесување во однос на предлогот на обвинителството, донесени се решенија со кои на 13 лица судијата на претходна постапка го прифати предлогот и им определи мерка притвор во траење од 30 дена, додека шест лица им е определена мерка куќен притвор.
Овие лица ОЈО ги гони за кривичното дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата“.
Инаку, вечерта на 27 април, по избирањето на Талат Џафери за претседател на Собранието, демонстрантите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, кои беа собрани пред зградата на Законодавниот дом, насилно влегоа во оваа институција. Како резултат на насилството на демонстрантите, чија цел беа пратениците, беа повредени околу 100 лица, вклучувајќи пратеници, полицајци и претставници на медиумите.