Ivana Ramadanova
30 Ноември 2017•Ажурирај: 01 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Скопје се одржа завршниот настан по повод проектот „Подготовка на детален дизајн и тендерска документација за изградба на нова железничка делница Кичево – Република Албанија, како дел од Коридорот 8 и тендерска документација за надзор на градежните работи“, јавува Anadolu Agency (AA).
Свое обраќање пред присутните имаше министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, кој истакна дека граничното поврзување кон Бугарија и кон Албанија е од клучно значење за развој на целокупниот железнички сектор во Република Македонија.
„Изградбата на нови пруги треба да овозможи забрзан економски раст. Од тие причини, Владата на Република Македонија е силно посветена во развојот на железничката мрежа преку изградба на нови пруги. Доказ за тоа е денешниот настан преку кој покажуваме решителност во изградбата на Коридорот осум. За проектот ЕУ обезбеди 7,7 милиони евра за изработка на детаљна проектна документација и тендерска документација за изградба на новата железничка линија во должина од 63 километри. Линијата ќе почнува пред Железничката станица во Кичево и ќе се протега низ општините Кичево, Дебарца и Струга, до границата со Република Албанија“, истакна министерот Сугаревски.
Шефот на делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар, истакна дека по реализацијата на проектот, југозападниот регион на земјата ќе биде поврзан со Транспортната опсерваторија на Југоисточна Европа – СЕЕТО, која ќе го зголеми социо-економскиот развој во регионот.
„Jасно е зошто Европската Унија му дава важност на ваков проект. Унијата веќе со години работи на развивање на транспортната мрежа, а целта е да се има единствена мрежа со којашто ќе се интегрира копнениот, морскиот и воздушниот транспорт. Тоа е клучно за целиот социоекономски развој на Европа и претставува силна амбиција на Европската Унија да ги поврзе сите пазари и сите граѓани. За да се заврши овој огромен проект, мораме да ги изградиме деловите што недостасуваат. Националните власти ќе имаат проект кој ќе можат да го спроведат на начин којшто е финанскиски возможен“, истакна Жбогар.
Беше ставен фокус на комплетирањето на сеопфатни детаљни проекти и на тендерската документација за изградба на нова, електрифицирана, единствена железничка линија, во согласност со техничките спецификации за интероперабилност на трансевропскиот конвенционален железнички систем.
Проектот го спроведува конзорциумот предводен од ТИПСА од Шпанија, во тесна соработка со Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие „Македонски железници – инфраструктура“.