Zylfije Adem Jakupi
17 Март 2022•Ажурирај: 17 Март 2022
ПРИШТИНА (АА) - Пратениците на Собранието на Косово не го усвоија Нацрт-граѓанскиот закон, со кој се предвидува и можноста за соживот на истополови партнери, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од 77 присутни пратеници во салата, на гласањето учествуваа 61 пратеник, од кои за Нацрт-граѓанскиот закон гласаа 28, против беа 29 и четворица беа воздржани.
Министерката за правда, Албулена Хаџиу, говорејќи за членот 1138 од Граѓанскиот закон, рече дека е предвидена можноста лица од ист пол да можат да се регистрираат како граѓанска заедница, но дека Законот не регулира услови и постапка, туку само афирмативно утврдува дека тоа во иднина може да се регулира со посебен закон.
Против предложениот Закон гласаа и пратениците од владејачкото „Самоопределување“. Една од нив беше и Лабиноте Деми-Муртези која рече дека е против дозволата за истополови заедници. Таа рече дека смета оти треба да се заштити јавниот морал.
„Секоја држава сама за себе зборува што е мерило на општествениот морал во таа држава. Стандардот на социјалниот морал кај нас го наложува како прифатлив само бракот помеѓу спротивните полови. Секоја врска надвор од оваа комбинација се смета за разврат и морална дегенерација“, рече таа.
На нејзиното излагање реагира претседателот на Собранието, Глаук Коњуфца, кој побара да не се користи овој дискурс, велејќи дека таквите изрази се неправедни.
„Сите граѓани на Косово мораат да бидат заштитени од дискриминација и предрасуди. Со тоа сметам дека ако во нашиот дискурс, за луѓе кои имаат различни сексуални ориентации од нас, користиме термини како што се разврат, морална дегенерација и болест, тоа е неправедно и јас сум против овој дискурс“, рече Коњуфца.
Шефот на пратеничката група на опозициска Алијанса за иднината на Косово, Бесник Тахири и пратеникот Ерџан Галуши, во име на Мултиетничката група ги изнесоа своите ставови против оваа верзија на Нацрт-граѓанскиот закон.
Пратеничката од бошњачката заедница, Дуда Балје, беше против дозволата за регистрација на истополови заедници, велејќи дека ова се воведува само заради интеграцијата во Европската Унија. Според неа, тоа е во спротивност со традицијата и културата на косовските семејства.
Пратеникот на опозицискиот Демократски сојуз, Дритон Селманај, го постави прашањето дали Владата ја започнала процедурата за посебен закон за истополови бракови.
Премиерот на Косово, Албин Курти, им се обрати на пратениците велејќи дека Граѓанскиот закон не регулира бракови помеѓу лица од ист пол, туку само овозможува заеднички живот.
„Значи, Законот не е доволен. Ова е целосно во согласност со Уставот кој не дозволува каква било дискриминација, вклучувајќи и дискриминација по основа на полот. Исто така, треба да истакнам дека Законот не регулира истополови бракови. Тоа се разликува од регистрирана граѓанска заедница бидејќи второво овозможува само соживот, а не други форми на семејно функционирање“, нагласи премиерот Курти.
Шефицата на најголемата пратеничка група, Движењето „Самоопределување“, Мимоза Кусари-Лила, рече дека Косово никогаш немало Нацрт-граѓански закон и дека претставениот нацрт содржи 1.630 члена. Таа истакна дека тоа е најважниот документ по Уставот, кој регулира и унапредува различни сегменти од животот, како што се еднаквоста пред законот, човековите права, имотот, економските трансакции, договорите, семејните односи, правата на децата и наследството.