АНТАЛИЈА (АА) - Претседателката на Косово, Вјоса Османи-Садриу, изјави дека Косово прво сака да се приклучи во програмата „Партнерство за мир“, а потоа и во НАТО, јавува Агенција Анадолија (АА).
Османи во текот на викендот учествуваше на Дипломатскиот форум во Анталија (ADF), Турција, чиј глобален комуникациски партнер е АА.
Во интервју за Агенција Анадолија (АА) таа истакна дека Дипломатскиот форум во Анталија за само две години постигнал голем успех.
„Сакам да им се заблагодарам на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган и министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, што нѐ собраа сите во овие тешки времиња за да ѝ покажеме на Европа и на остатокот на светот дека можеме да користиме дипломатија за да ги зближиме луѓето и да работиме за повеќе мир, повеќе демократија и повеќе просперитет и развој“, рече Османи.
- Односите помеѓу Турција и Косово -
Исто така, таа ги искоментира и билатералните односи на Турција и Косово.
„Многу сме среќни што имаме пријател каков што е Турција“, рече таа.
Напоменувајќи дека Турција е секогаш покрај Косово и во тешки и во добри времиња, Османи рече дека во секој чекор кој го прават, ја гледаат Турција покрај себе.
Таа потсети дека Турција, исто така ја поддржува независноста на Косово.
„Турција е еден од најголемите странски инвеститори кој ја поддржува независноста на Косово и отвора многу работни места во Косово. Дефинитивно, се надеваме дека ќе се отворат нови полиња на соработка, бидејќи верувам дека сѐ уште не сме го постигнале нашиот целосен потенцијал.“
Таа истакна дека дипломатските односи на Косово со Турција се на многу високо ниво, а уште една област на растечката билатерална соработка е одбраната.
Напоменувајќи дека Турција е еден од двата најважни партнери на одбранбената индустрија на Косово, Османи рече дека потпишаниот Договор за слободна трговија позитивно влијаел на меѓусебната трговија.
- Војната во Украина -
Се осврна и на војната во Украина, напоменувајќи дека Косово е една од земјите кои најбрзо изразиле солидарност со Украина.
„Сакаме да ја покажеме нашата солидарност со народот на Украина. Украина е независна и демократска земја и има право да одлучува за своите прашања“, рече Османи.
Таа истакна дека Косово поминало низ сличен процес како и Украина.
„Ние бевме жртви на геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства на режимот на Милошевиќ кој не признаваше никакви правила, меѓународното право или меѓународното хуманитарно право. Меѓу другото, и ние бевме бегалци. Така што, можеме да разбереме како се чувствува Украина“, рече таа.
- Војната во Украина ќе влијае на сите -
Таа додаде дека вратата на Косово е секогаш отворена за украинските бегалци и дека ќе продолжат да ги поддржуваат украинските новинари во борбата против руската пропаганда.
Истакна дека војната нема да влијае само на Украина, туку на сите.
„Исто така сме загрижени од прелевање на војната на Западен Балкан, бидејќи Русија веќе некое време ја користи Србија како посредник во таа област. Има воено, политичко и економско влијание токму преку Србија“, рече таа.
Истакна дека Косово со своите партнери работи за да спречи тоа да се случи.
„Верувам дека ќе бидеме успешни, но мораме да бидеме внимателни, свесни за хегемонистичките и империјалистички намери на Русија.“
- Србија предизвика нови пречки -
Коментирајќи ги преговорите со Србија, косовската претседателка рече дека учеството на Србија ги кочи преговорите.
Наведувајќи дека Србија на преговарачката маса предизвикала нови пречки, Османи рече дека Косово продолжува да работи на дијалогот и да нуди предлози со цел одржување на стабилноста.
„Половина проблеми би биле решени доколку постоеше признавање“, рече Османи, и додаде дека се надеваат дека Србија ќе им се придружи на ставовите на Европската Унија против Русија.
Таа потсети дека Србија и понатаму го држи својот воздушен простор отворен за Русија.
„Помагајќи ѝ на руската економија и руските олигарси, тие обезбедуваат кислород за администрацијата на Путин“, рече таа.
Османи, исто така, истакна дека украинската криза е пример што се случува кога неопходните реакции не доаѓаат пред агресијата.
- Војската на Косово по стандардите на НАТО -
Косовската претседателка изјави дека Војската на Косово е по стандардите на НАТО и дека ја има поддршката на НАТО-сојузниците.
Истакнувајќи дека Косово прво сака да се приклучи на Партнерството за мир, кое има за цел да изгради доверба помеѓу членките на НАТО во Европа и поранешните советски земји, а потоа и во НАТО.
Укажувајќи на безбедносното значење на членството на НАТО, Османи рече дека членството на Албанија, Северна Македонија и Црна Гора даде голем придонес на НАТО.
Напоменувајќи ја важноста на постоењето на повеќе меѓународни институции и организации во Косово во однос на националната безбедност, Османи истакна дека земјите кои го сакаат и го поддржуваат мирот, треба да работат заедно.
Таа потсети дека Косово и Босна и Херцеговина изгубиле многу цивили во војните со Србија, додавајќи дека не сакаат повторно да го доживеат истото.
„Изразот „никогаш повеќе“ не е обичен слоган. Тоа значи дека преземаме чекори во секојдневниот живот, во нашите политики и во нашите одлуки така што нашите идни генерации повеќе да немаат такви искуства. Сѐ што работиме, мора да придонесе за мирот и просперитетот. Мораме да изградиме опкружување во кое идните генерации нема да доживеат војна во текот на својот живот. Не само во случајот на Украина, ниту еден невин човек не смее да биде жртва на ниту една војна, бидејќи цивилите, особено жените и децата, најмногу страдаат во војната“, изјави Османи за АА.
news_share_descriptionsubscription_contact
