Agim Sulaj
16 Март 2022•Ажурирај: 17 Март 2022
ПРИШТИНА (АА) - Министерството за локална управа на Косово и Министерството за локална самоуправа на Северна Македонија, во координација со Канцеларијата на Европската Унија (ЕУ) во Косово организираа Консултативен форум во врска со Програмата за прекугранична соработка меѓу овие земји, јавува Агенција Анадолија (АА).
Програмата за прекугранична соработка меѓу Косово и Северна Македонија е финансирана од страна на ЕУ преку ИПА-инструментот, и го покрива периодот 2014 - 2020 година.
За време на Консултативниот форум беше презентиран ИПА 2, како и контекстот на прекуграничната соработка и нејзината врска со приоритетите за следниот повик за предлози кои ги покриваат финансиските алокации за 2018, 2019 и 2020 година.
Министерот за локална управа на Косово, Елберт Красниќи, истакна дека програмата за која станува збор е добар пример на оваа соработка на сите нивоа.
Красниќи рече дека покрај постигнатите резултати од 14 проекти имплементирани досега меѓу двете земји, продлабочувањето на оваа соработка е заеднички резултат.
„Денеска на овој консултативен форум, благодарение на соработката на ЕУ, се состанавме за да дискутираме за следната можност за финансирањето кое го нуди оваа програма преку врските, и потоа за да се имплементираат проекти со јасни цели во туризмот и животната средина“, додаде Красниќи.
Министерот за локална самоуправа на Северна Македонија, Горан Милевски, истакна дека регионалната соработка на општинско ниво е многу корисна и дека Косово и Северна Македонија создале партнерство од 2010 година.
Милевски рече дека досега во рамки на програмата биле финансирани 14 заеднички проекти во вредност од 4,8 милиони евра, од кои 12 се целосно комплетирани, додека останатите два проекти се во процес на имплементација.
„Она што е важно за оваа програма и што денеска сакаме да го споделиме со градоначалниците е дека во финална фаза на подготовка е нов последен јавен повик од ИПА 2 којшто очекуваме да биде објавен до крајот на овој месец. Вредноста на овој јавен повик е околу 3 милиони евра, значи, значителни финансиски средства коишто ќе бидат поделени на институциите и општините од двете држави“, нагласи Милевски.
На оваа конференција беше соопштено дека темата на овој повик е во врска со заштитата на културното и природното наследство, заштитата на животната средина, подобрување на управувањето со климатските промени и спречување на природните ризици.
Управителот на Програмата за прекугранична соработка од Канцеларијата на ЕУ, Георгo Папагианис, рече дека за соработката меѓу Косово и Северна Македонија, ЕУ одвоила фонд од 8,5 милиони евра преку кој се договорени 14 проекти, од кои 9 биле за општините.
Покрај двајцата министри на двете земји, на овој состанок учествуваа и десетици градоначалници на општините близу границата меѓу двете земји.