Abdula Berisha
08 Септември 2022•Ажурирај: 09 Септември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Северна Македонија под слоганот „Обединети во слободата“ ја одржа централната свечена прослава по повод одбележувањето на 8 Септември - Денот на независноста, јавува Агенција Анадолија (АА).
Настанот кој се одржа кај паркот „Ибни Пајко“ во Скопје, започна со интонирањето на државната химна, а свое обраќање имаше премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски.
Во својот говор, Ковачевски истакна дека 31 година по независноста, Република Северна Македонија денес е признаена од целиот свет, достоинствена членка на НАТО и идна членка на Европската Унија.
Тој потсети дека на историскиот референдум на 8-ми септември, 1991 година, граѓаните, независно од етничките, политичките или други различности, одлучија да живеат во самостојна и независна држава.
„Ако во почетоците на независноста на Република Северна Македонија беше патриотизам создавањето на институциите, воспоставување на монетарна самостојност, воведувањето државна валута, денес тоа значи функционирање по принципот на европските вредности и домашна економија којашто напредува низ принципите на конкурентност на заедничкиот европски пазар“, рече Ковачевски.
Тој истакна дека интеграциите се битките на генерацијата на денешнината, битки кои според него бараат политичко лидерство.
Ковачевски повика на обединување за европските интеграции, исто како што „народот се обедини за НАТО, како земја членка, осигурувајќи ги територијалниот интегритет и безбедноста".
„Повикувам на обединување и во слободата на одлучување. Знаеме дека мора да продолжиме по европскиот пат поради нас самите, и за оваа цел вреди да се обединиме, без калкулации и без задршки, исто како за независноста во 1991 година“, рече Ковачевски.
Тој истакна дека е уверен дека во големо мнозинство постои обединетост во приоритетите кон иднината, исто како на историскиот 8-ми Септември: „Нека ни е вечен Денот на независноста! Да живее Република Северна Македонија, да живеат граѓаните!“
На централната свечена прослава по повод одбележувањето на 8 Септември - Денот на независноста, присутни беа претставници на меѓународната заедница, Армијата, полицијата, пратеници, а прославата продолжи со богата музичка програма.