Furkan Abdula
13 Јануари 2024•Ажурирај: 16 Јануари 2024
По повод Новата година според стариот јулијански календар, во Општина Вевчани се одржа традиционалната манифестација „Вевчански карневал“, јавува Анадолу.
Овој карневал се смета за еден од најголемите уникатни културни куриозитети во Северна Македонија и пошироко, со традиција долга над 1.400 години. Вевчанскиот карневал, кој се одржува по повод Новата година според стариот календар, е познат по тоа што на сатиричен начин, преку разни маски и персонификации, ги претставува настаните од јавниот и политичкиот живот.
Фестивалот оваа година се одржа без зурли и тапани, и без традиционалното оро во центарот на селото, поради смртта на младото момче од ова место, кое почина ноќеска во сообраќајна несреќа.
На манифестацијата имаше минимално дефиле на маски.
Со соопштение се огласија и официјалните организатори на настанот, кои нагласија дека поради трагедијата која се случи во раните утрински часови музичката програма од Вевчанскиот карневал се откажува.
„Во координација со општината и василичарските друштва од Горна и Долна мала се донесе одлука заради продолжување на традицијата да се одржат традиционалните адети и поворката и дефилето ќе се случат во предвиденото време но со намален интензитет без музика и оро, со едноминутно молчење на централното случување,“ информираат организаторите.
Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија преку соопштение истакна дека несреќата се случила доцна синоќа, еден час по полноќ.
„На 13.01.2024 околу 01.20 часот во СВР Охрид, било пријавено дека на регионалниот пат кон Вевчани, во близина на село Подгорци, струшко, патничко моторно возило „ауди“ со вевчански регистарски ознаки, управувано од М.М. (19) од Вевчани излетало од коловозот. Во несреќата на местото на настанот починал возачот. Извршен бил увид од Јавен обвинител и увидна екипа од ПС Струга“, се вели во соопштението на МВР.
Инаку, Вевчанскиот карневал е стар повеќе од 1.400 години и негува одредени специфични обичаи. „Зетот“ и „Невестата“ се главните ликови-маски кои се задолжени ноќта меѓу 13 и 14 јануари да ги посетат сите, околу 700 куќи на Вевчани, за да соберат пари, кои се наменети за донации. Маските се чуваат во најголема тајност и никогаш не се повторуваат на некој од наредните карневали.