спорт, Балкан

Со мечувалството во борбата против стереотипите и животните предизвици

„Работиме напоредно на физичка, техничка, тактичка и ментална подготовка. Токму таа комплексност на спортот придонесува мечувалците, понатаму во животот, кога ќе прекинат со мечување, да бидат истрајни, борбени... да не се откажуваат“

Edıta Zekjırovıc  | 21.01.2022 - Обновена : 23.01.2022
Со мечувалството во борбата против стереотипите и животните предизвици Фото: Edıta Zekjırovıc/AA

СКОПЈЕ (АА) - ЕДИТА ЗЕЌИРОВИЌ -

Иако за мечувањето постои мит дека е опасен спорт, но и стереотип дека е наменет само за „челичните“ и храбри мажи, во Скопје постои жена која им пркоси на сите тие стереотипи. Билјана Кузмановска (51) е единствената жена која е активен тренер и селектор по мечувалство.

Во разговор за Агенција Анадолија (АА) Кузмановска говореше за љубовта кон мечувалството, нејзината цел своето знаење да го пренесе на младите и на тој начин позитивно да влијае тие „да станат не само добри спортисти, туку и добри луѓе“ и да не потклекнат на пороци.

„Работиме напоредно на физичка, техничка, тактичка и ментална подготовка. Токму таа комплексност на спортот придонесува мечувалците, понатаму во животот, кога ќе прекинат со мечување, да бидат истрајни, борбени, да останат на вистинскиот пат, да не се откажуваат до последен момент“, вели Кузмановска.

- Како се станува мечувалец?

Долгогодишната мечувалка Кузмановска откри дека за да се земе мечот во раце, потребна е подготовка од една година.

„Работиме на развивање на моториката (крупна и ситна), особено со помалите членови - одржување фокус, координација. Нашата координација е око, рака, нога и е покомпликувана.“

Објаснува дека најпрвин се загреваат за општа физичка подготовка со што телото се спрема за мечување, а потоа последователно се преминува на другите чекори со тренер и се доаѓа до мечот.

„Треба да се има брзина, експлозивност, агилност. Бидејќи когнитивните процеси се многу важни за мечувањето, да се одржува фокус, концентрација, да не „избегаат“ во критичните моменти од натпреварувањето“, објасни Билјана.

- Постојат правила, но не и граници -

Со мечувалството Кузмановска се запознава во 1986 година, и оттогаш со мечот на појас се соочува со сите предизвици и стереотипи кои ѝ ги поставува околината.

„Увидов дека можам да се наметнам само со квалитет и со ништо друго, и дека тоа е единствениот исправен пат жените да заземат место во спортскиот живот.“

Кузмановска истакнува дека е една од 23-те тренери од целиот свет која се стекнала со едукација за спортот во Олимпискиот центар на Американскиот олимписки комитет во Колорадо Спрингс (САД).

Во годините кои следуваат таа докажува дека мечувалството ги руши сите пречки. Вели дека е сосема сигурен и безбеден спорт, чии порти се отворени за секого.

„Решивме да работиме со дечиња со Даунов синдром на волонтерска база, сѐ до пандемијата работевме со децата со Даунов синдром, во оваа сала одржувавме тренинзи и тоа беше посебна љубов, а гордоста наша да се работи со тие деца за да ги направиме среќни, беше огромна.“

- Од Скопје до Будимпешта -

Трудот на Кузмановска да го пренесе знаењето на помладите генерации резултирал неколкупати со успех и во меѓународни рамки. Нејзините ученици освојуваат награди на националните првенства, но ги „одмеруваат силите“ и надвор од границите на државата.

„Како клуб, можам да се пофалам, настапуваме на многу значајни натпревари во странство. Најскорешниот и најдобар резултат е на Матеј Тодоровски кој на турнирот „Гран при“ во Будимпешта, во конкуренција од 165 натпреварувачи, го освои 14. место“, истакна Кузмановска.

Според Кузмановска, средбата со мечувалството била љубов на прв поглед која сега ѝ значи живот. Посебна сатисфакција за оваа жена спортист е промената на перцепцијата дека мечувалството не е само свет на мажите, а уште помалку груб спорт, туку спорт кој ги соединува и зближува луѓето, носи порака на несебичност, одговорност и чесност.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.