Admir Fazlagic
22 Март 2018•Ажурирај: 23 Март 2018
СКОПЈЕ (АА) - Изутринава времето во Македонија е облачно и студено со повремени врнежи од снег, а во јужните делови врнежите се претежно од дожд, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што информираат од Управата за хидрометеоролошки работи на Македонија, најмногу снег и најстудено изутринава е во Маврово, каде што снежната покривка е седум сантиметри и се измерени минус шест степени. Во Скопје е измерено минус еден степен.
Според најавите на метеоролозите, до крајот на денот ќе биде облачно и студено со повремени врнежи од снег, во јужните делови од дожд и снег, а во крајниот југоисточен дел од дожд. На повеќе места врнежите ќе бидат пообилни и ќе наврнат над 15 литри на метар квадратен. Во поголем дел од државата ќе се формира снежна покривка, а на планините значително ќе се зголеми. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови повремено засилен ветер од северен правец.
Максималната температура денеска во земјава ќе достигне од 1 до 6 степени. Во Скопје ќе преовладува облачно време, со врнежи од снег и со слаб до умерен ветер од североисточен правец. Температурата ќе достигне до 2 степена.