Zülfiya Yakup
21 Март 2018•Ажурирај: 21 Март 2018
ПРИШТИНА (АА) - Косовскиот претседател, Хашим Тачи, оцени дека ратификацијата на Договорот за демаркација на границата меѓу Косово и Црна Гора во Собранието на Косово, е добар потег на парламентарното мнозинство, кој отвора пат на важните процеси за Косово, пренесува Anadolu Agency (AA).
Тачи на својот профил на Фејсбук (Facebook) напиша дека Собранието на Косово ја завршило непотребната политичка нејасност околу границата со Црна Гора.
„Денешната ратификација на меѓудржавниот договор, која три години ѝ пречеше на либерализацијата на визниот режим за нашите граѓани, беше добар потег на парламентарното мнозинство. Тоа беше дејствување кое гарантира и посилна евроатлантска иднина, отворајќи го патот на многу важните процеси за нашата земја“, напиша Тачи.
Собранието на Косово го усвои Договорот за демаркација на границата со Црна Гора со 80 гласови 'за' и 11 'против'.
Претседателот истакна дека Косово изгубило премногу време поради ова прашање, кое неправедно го успорило напредувањето на државата, создавајќи политички и општествени поделби, кое е тешко за кратко време да се компензира. Сепак, додаде дека денешните гласови на пратениците во Собранието на Косово даваат надеж дека пратениците повеќе нема да бидат под влијание на дневно-политичките интереси, туку стратешкиот интерес на Косово.
Според него, широкиот консензус постигнат во Собранието треба да послужи како долгорочна платформа на соработка меѓу политичките субјекти, особено кога се во прашање државните интереси.
„Токму дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија е такво прашање од државен интерес по кое мораме да бидеме обединети. Ние ги исполнивме нашите обврски, па наскоро нашите граѓани слободно ќе се движат во Шенгенската зона, бидејќи сум сигурен дека ЕУ ќе ја работи својата работи без губење време. Сега, со забрзани чекори, со имплементација на пакетот реформи, мораме да создадеме нова динамика во процесот за придружување на нашите земји кон ЕУ и НАТО“, напиша Тачи.