Almir Terzic
26 Декември 2021•Ажурирај: 27 Декември 2021
ЉУБЉАНА (АА) - Во Словенија вчера се регистрирани 666 новозаразени со коронавирусот, а здравствените експерти предвидуваат дека до Нова година уделот на варијантата на Ковид-19, Омикрон, би можел да доминира и до 60 отсто, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вчера бројот на пациенти на интензивна нега во Словенија падна под 200. Инаку, направени се 2.157 ПЦР-тестови, по што се откриени 666 заразени со коронавирусот.
Податоците на Националниот институт за јавно здравје покажуваат дека уделот на позитивни резултати изнесува 30,9 отсто, што е повеќе од претходниот ден. Според проценките, во Словенија има 16.072 активни случаи на вирусот, што е за 117 помалку од претходниот ден.
Седумдневниот просек на потврдени случаи е 1.060, што е за 14 помалку од претходниот ден, а 14-дневната инциденца на новозаразени на 100.000 жители е 761, што е за пет помалку од претходниот ден. Вчера се направени 12.951 брз тест, чии позитивни резултати се потврдени и со ПЦР-тестови.
Според Националниот институт за јавно здравје, со една доза од вакцините против Ковид-19 вакцинирани се 1.247.914 лица, а со две дози 1.186.507 лица.
Но, се предупредува дека варијантата Омикрон повторно може да ги наполни болниците и да го доведе здравствениот систем на работ на издржливост.
Експертите не им се радуваат на наредните денови и недели, кога очекуваат варијантата Омикрон да биде позастапена во Словенија. И покрај охрабрувачките извештаи од другите земји дека текот на болеста кај оваа варијанта е поблаг, и онака преоптоварениот болнички и медицински персонал може брзо да биде доведен до работ на издржливост.
Според последните податоци, во Словенија е потврдено дека околу четири отсто од заразените се со варијантата Омикрон, а до Нова година, според некои сценарија, таа бројка би можела да достигне 60 отсто.
Растот на бројот на заразени, секако, брзо е проследен со промени и во болниците. На тоа предупредува раководителката на Советодавната група, Матеја Логар.
„Ако имаме многу (случаи со) Омикрон, тоа ќе почне да се гледа пред Нова година, ако не, неколку дена по Нова година. Болниците се оние што малку доцнат со регистрирањето и приемот, па во првата недела од јануари тоа би можело повторно да го зголеми притисокот врз овие институции“, предупреди Логар.