Vesna Besic
05 Мај 2023•Ажурирај: 07 Мај 2023
САРАЕВО (АА) - Во две училишта во Трбовље, Словенија, пристигнаа заканувачки мејлови, по што полицијата ја зајакна контролата во подрачјето, јави Телевизија Словенија, пренесува Анадолу.
Полицијата утринава била пред основното училиште во Трбовље и Подрачното училиште „Алојз Хохкраут“, бидејќи добиле заканувачки мејлови што најверојатно се последица на трагичниот настан во училиштето во Белград.
Директорката на основното училиште во Трбовље, Петра Чеде, за Радио Словенија рече дека ќе се преземаат безбедносни мерки сè до крајот на учебната година.
„Што ќе прави полицијата и колку долго ќе имаме полиција пред училиштето, тешко ми е да одговорам“, рече Чеде.
Според неа, некои родители одлучиле да не ги праќаат децата на училиште, па според евиденцијата околу десет отсто од децата се отсутни.
Во училиштето во Трбовље не може да се влезе без претходна најава, а вратите на училиштето се заклучени.