Husamedin Gina
21 Август 2020•Ажурирај: 22 Август 2020
СКОПЈЕ
Трета недела по ред граѓаните протестираат низ скопските улици поради револтот за најавеното покачување на цената на електричната енергија за 7,4 отсто од страна на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), јавува Агенција Анадолија (АА).
Денешниот протест започна пред џамијата „Јаја паша“ во попладневните часови и траеше околу два часа. Еден дел од граѓаните ја блокираа крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, а другиот дел со автомобили и велосипеди ја блокираа крстосницата кај ТЦ „Палома бјанка“.
Марјан Ристевски, претседател на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ), во изјавата за медиумите посочи дека ја менуваат стратегијата за дејствување на протести.
Истакнувајќи дека денеска блокираат две крстосници, Ристевски рече дека овие протести против покачувањето на електричната енергија ќе продолжат и понатаму, но за тоа како и во кој стил, ќе дадат дополнителни информации.
„Стручни лица во таа област тврдат дека ова поскапување е неоправдано. Ние сакаме да пратиме една порака дека не може веќе во [Северна] Македонија која е членка на НАТО и станува членка на Европската Унија (ЕУ) со која почнува преговори, да се носат вакви одлуки за покачување коишто директно влијаат на стандардот на граѓаните, без никаква дебата“, нагласи Марјан Ристевски.
Освен во Скопје, денеска се протестира и низ осум други градови во Северна Македонија.
Организаторите на протестите бараат поништување на одлуката на Регулаторната комисија за енергетика за зголемување на цената на електричната енергија.