Балкан

Скопје: Во Шуто Оризари отворена нова модерна градинка со капацитет за 300 деца

„Драго ми е што ова е единствената градинка што ги има вградено сите стандарди за кои зборуваме и е прва во Северна Македонија, токму овде во Шуто Оризари“, изјави премерот на Северна Македонија, Зоран Заев.

Edita Zecirovic  | 16.06.2021 - Обновена : 17.06.2021
Скопје: Во Шуто Оризари отворена нова модерна градинка со капацитет за 300 деца ( Foto: Husamedin Gina / Anadolu Agency )

СКОПЈЕ

Денеска во Шуто Оризари во Скопје се отвори нова Градинка „8 Април“. Градинката ќе има капацитет за околу 300 деца, а ќе биде искористен и делот кој е изграден за Центарот за згрижување на стотина деца кои се изложени на социјален ризик, јавува Агенција Анадолија (АА).

Отворањето на новата градинка во општината во која претежно живеат припадници на ромската заедница се случува по опожарувањето на старата градинка во 2017 година.

На денешниот настан на отворањето присуствуваа претседателот на Владата, Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, градоначалникот на Шуто оризари, Курто Дудуш, заменик-амбасадорот на Норвешка во Белград, Геир Хагон Јоханцен и претставничката од УНДП, Нарине Сахакјан.

Премиерот Заев изрази задоволство што во општината Шуто Оризари се отвора нова современа градинка за деца.

„Со гордост можам да најавам дека од денеска децата од оваа општина со 22 илјади жители, претежно од ранливи категории, ќе имаат можност да престојуваат во модерна градинка, конципирана според највисоките стандарди за предучилишна установа. Драго ми е што ова е единствената градинка што ги има вградено сите стандарди за кои зборуваме и е прва во Северна Македонија, токму овде во Шуто Оризари“, изјави Заев.

„Очекуваме отворањето на оваа детска градинка да има позитивно влијание врз целокупната заедница на оваа општина. Да создаде услови за поголема активација на невработените Роми на пазарот на трудот, особено на невработените жени, како и подобрување на образовните услови за нашата ромска заедница“, додаде тој.

Исто така, тој најави дека наскоро ќе почне со работа и првиот центар за дневен престој за деца во социјален ризик, во кој е предвидено да бидат згрижени околу 100 деца од поранливи категории. Тие ќе можам да престојуваат, учат и да добијат соодветна грижа.

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, изјави дека она што е од особена важност е можноста во градинката да доаѓаат и учествуваат во активностите и деца кои имаат попреченост.

„Тоа говори колку ни е значајно секое дете во државата. Дополнително во оваа градинка ќе започне и еден нов проект кој ќе значи имплементација на социјалната реформа, тоа е Дневниот центар за деца во социјален ризик“, рече министерката Шахпаска.

Претставничката на УНДП, Сахакјан, рече дека организацијата која ја претставува работи на прашањето на Ромите во земјава со години наназад.

„УНДП повеќе од една деценија работи на прашањето на Ромите во земјата и во регионот. Од 2012 година УНДП вложува напори да се надминат пречките за влегување на граѓаните Роми на пазарот на трудот“, изјави Нарине Сахакјан.

Градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, изрази благодарност до сите што помогнале во изградбата на градинката, истакнувајќи дека заедницата се наоѓала во тешко време по опожарувањето на детската градинка.

Министерството за труд и социјална политика учествуваше во опремување на градинката во вредност од 6,5 милиони денари, додека градежните активности се реализираа со 1,5 милиони долари од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград преку УНДП.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.