Admir Fazlagic
13 Август 2018•Ажурирај: 13 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - Во Република Македонија денес се одбележува 17-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, со кој се стави крај на воениот конфликт во Македонија и се поставија рамки за меѓуетнички соживот во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Преговорите започнаа во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, каде што завршија со парафирање на документот, а истиот беше потпишан на 13 август во Претседателската резиденција во Скопје.
Рамковниот договор, познат и како Охридски договор, беше потпишан меѓу најголемите политички партии во земјата и специјалните претставници на Европската Унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави (САД), и со него се стави крај на меѓуетничкиот конфликт во 2001 година меѓу двете најголеми етнички заедници во земјата, Македонците и Албанците.
Преговорите кои траеја околу два месеца во градот Охрид, се одржаа под покровителство на тогашниот претседател на Р Македонија, Борис Трајковски, додека Договорот беше потпишан од страна на тогашните лидери на политичките партии, Бранко Црвенковски,лидер на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Арбен Џафери на Демократската партија на Албанците (ДПА), Љупчо Ѓеоргиевски на ВМРО-ДПМНЕ и од Имер Имери, лидер на Партијата за демократски просперитет (ПДП).
Потписници на Договорот, во својство на гаранти, беа и специјалниот претставник на ЕУ, Франсоа Леотар, и специјалниот претставник на САД, Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите.
Во годините наназад, од имплeментацијата на Охридскиот рамковен договор, донесени се над 130 закони, законски измени и дополнувања, од кои најголем дел - 59 се закони за недискриминација и правична застапеност, 40 се во сферата на идентитет, култура, образование и децентрализација на власта.
Во март годинава, Собранието на Република Македонија со 64 гласа „за“, без „против“ и „воздржани“ го донесе и Законот за унапредување на јазиците, без амандманска расправа. За Законот гласаа и пратениците од немнозинските заедници кои со 24 гласа го донесоа Законот.
Со Законот се предвидува во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо да биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо, (албански јазик).
Законот за унапредување на јазиците сè уште не е објавен во „Службен весник“.
Правичната застапеност на припадниците на етничките заедници во јавните институции е исто така сегмент од Рамковниот договор, чие целосно имплементирање бараат политичките лидери на етничките заедници.
Според Годишниот извештај за 2017 година на Министерството за информатичко општество и администрација на Република Макеоднија, кој произлегува од регистарот на вработени во јавниот сектор во Македонија во институциите на јавниот сектор од 109,304 вработени, 82,374 (75.36%) се Македонци, 21,112 (19.31%) се Албанци, 2,012 (1.84%) се Турци, 994 (0.91%) се Срби, 1,245, (1.14%) се Роми, 429 (0.39%) се Бошњаци, 408 (0.37%) се Власи, а 730 (0.67%) се други или не се изјасниле.