Furkan Abdula
18 Јули 2021•Ажурирај: 19 Јули 2021
Владата на Северна Македонија соопшти дека вчера во доцните вечерни часови успешно го завршила процесот на репатријација на државјани на Република Северна Македонија од Сирија и Ирак за 4 мажи - странски терористички борци, 5 жени и 14 деца, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Владата на Северна Македонија, процесот е спроведен согласно обврските на Република Северна Македонија кои произлегуваат од меѓународното право, меѓународното право за човекови права, меѓународното хуманитарно право, стандардите и резолуциите на Советот за безбедност при Обединетите нации.
„Против четворицата странски терористички борци, по претходно обезбедени докази од страна на Министерството за внатрешни работи – Бирото за јавна безбедност, и во координација со Агенцијата за национална безбедност, поднесени се соодветни кривични пријави во согласност со националното законодавство. Поради нивна недостапност на органите на прогонот, за истите имаше распишано меѓународни потерници, а во нивно отсуство, определена е мерка притвор, со решение на надлежен суд“, се вели во соопштението.
Се истакнува дека репатрираните жени и деца ќе подлежат на четиринаесет дневен здравствен карантин на доброволна основа и неопходни лекарски прегледи, согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, со цел заштита на јавното здравје.
Според соопштеното, во наредниот период, надлежните служби ќе работат на обезбедување докази за можно учество во инкриминирани дејствија, за секој случај поединечно.
Како што се наведува во соопштението, со исклучување на можноста за нивна вклученост во дејствија кои подлежат на казнено - правна одговорност, почитувајќи го во целост начелото на доброволност, ќе отпочне процесот на нивно рехабилитирање, ресоцијализирање и реинтегрирање во заедницата, односно во општеството.
Се нагласува дека сите мерки и активности кои се преземаат од страна на институциите се базираат на обврските од Националниот план и процедурите за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на повратници од странски војски и членови на нивните семејства, усвоени од страна на Владата на Република Северна Македонија, а за чија координација и имплементација е надлежна Канцеларијата на Националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам.
„Република Северна Македонија, како членка на НАТО и Глобалната коалиција за борба против ДЕАШ, во соработка со нашиот стратешки партнер САД, останува посветена во примената на највисоките стандарди во борбата против насилниот екстремизам и тероризмот, со цел осигурување на безбедност, сигурност, стабилност и просперитет на највисоко ниво за граѓаните на нашата земја и пошироко во регионот“, се додава во соопштението на Владата.