Furkan Abdula
23 Март 2020•Ажурирај: 23 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за здравство на Северна Македонија соопшти дека во изминатите 24 часа се регистрирани 22 нови случаи на новиот вид коронавирус (Ковид-19) во земјата, со што вкупниот број на заразени со овој вирус изнесува 136 лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 денеска до 12:00 часот изнесува 136, од кои 1 излекуван и 2 починати пациенти“, се наведува во ова соопштение.
Според местото на живеење, досега случаи на КОВИД-19 се регистрирани во Скопје, Дебар, Штип, Куманово, Кавадарци, Охрид и Гостивар.
Инаку, денес беше потврден и вториот смртен случај од коронавирусот во Северна Македонија.
Потсетуваме, од саботата, со одлука на Владата на Северна Македонија, на целата територија во државата воведен е полициски час од 21 до 6 часот.
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, на 18 март прогласи вонредна состојба на територијата на целата држава, со цел полесно справување во борбата против ширењето на коронавирусот.