Husamedin Gina
24 Февруари 2021•Ажурирај: 25 Февруари 2021
КУМАНОВО
Министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, денеска на граничниот премин „Табановце“ ја пречека делегацијата предводена од неговиот српски колега Златибор Лончар, кој ја предаде втората пратка од 3.510 дози вакцини против коронавирусот (Ковид-19), со што вкупната бројка на дози испратена од Србија во нашата земја се искачи на 8.190 дози вакцини од производителот „Фајзер“, јавува Агенција Анадолија (АА).
По примопредавањето на вакцините, министрите за здравство, Филипче и Лончар, одржаа заедничка прес-конференција.
Министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар, истакнувајќи дека му е многу драго што се наоѓа на примопредавањето на вакцините, рече дека денеска го спроведуваат договорот постигнат помеѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев.
„Денеска го исполнуваме тоа што го ветивме - донесовме 3.510 дози вакцини за граѓаните на Северна Македонија, што вкупно изнесува 8.190 дози вакцини“, нагласи министерот Лончар, додавајќи дека многу му е драго што имаат можност да помогнат на соседите, на нивните пријатели.
Министерот Лончар исто така додаде дека нивната желба е земјата да биде побезбедна, што помалку граѓани на Северна Македонија да се заразат со коронавирусот и дека ова претставува поздрав од сите граѓани на Србија.
Министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, потсетувајќи дека овој чин на солидарност е со иницијатива на премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев и српскиот претседател Александар Вучиќ, рече дека досега се вакцинирани околу 1.300 здравствени работници.
„Благодарение на овие вакцини од компанијата „Фајзер“ започнавме со процесот на имунизација на здравствените работници во нашата земја и тоа засега се одвива одлично, во една атмосфера на организација во еден пункт на шест места во Клиничкиот центар во Скопје. Досега се вакцинирани околу 1.300 здравствени работници и со динамика од 250 до 300 на ден“, рече Филипче.
Меѓу другото, министерот Филипче рече дека ова количество вакцини се доволни за вакцинација на сите здравствени работници во земјата кои се во приоритетната категорија за имунизација, а тоа се оние кои од почетокот на кризата работат со пациенти заразени со Ковид-19.
Одговарајќи на новинарско прашање за другите вакцини кои се најавуваат, Филипче, истакнувајќи дека сѐ уште траат разговорите и преговорите со компанијата „Фајзер“ во однос на техничките детали, рече дека го очекуваат резултатот од договорот.
Во однос на кинеските вакцини, министерот Филипче рече дека постои интензивна комуникација и дека очекува за кратко време да го добијат и дефинитивниот датум за пристигнување на вакцините.
Потсетуваме, првата пратка од Србија пристигна на 14 февруари, а на примопредавањето на донацијата од 4.680 дози вакцини против коронавирусот присуствуваа премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев и српскиот претседател Александар Вучиќ.