Admir Fazlagic
24 Февруари 2016•Ажурирај: 25 Февруари 2016
ТАБАНОВЦЕ (АА) - "Во Табановце, од македонската кон српската граница има околу 130 луѓе од Сирија и Ирак кои од вечерва се заглавени, меѓу нив има жени и деца, потребно е веднаш да се реагира и да им се помогне на овие луѓе за да не страдаат", изјави за АА претставникот на УНХЦР за Македонија, Мохамед Ариф, информирајќи за алармантната состојба со бегалците на македонскиот северен граничен премин каде овие бегалци како што вели тој "останале заглавени во нехумани услови, ноќта да ја поминат под отворено небо",јавува Anadolu Agency (AA).
Ариф вели дека разговарал со полицијата, при што побарал бегалците да преспијат во рамките на кампот, за да не бидат изложени на ладното време и сите други нелагодности.
Според екипата на УНХЦР во Табановце се работи за бегалци од Сирија и Ирак на кои им недостасува грчкиот регистрационен документ поради што биле депортирани во Македонија.Како што објаснуваат од УНХЦР српската полиција од нив бара документи кои се заверени во Грција, затоа што без нив нема да може да преминат во Хрватска и затоа ги враќа назад на Табановце, а такви во Македонија не можат да добијат.
Ариф изрази жалење поради ваквата ситуација со бегалците во Табановце кажувајќи дека не треба да се случи да дојде до страдање на бегалците и апелираше до надлежните да ги преземат потребните мерки, по што околу 50 бегалци од кои поголемиот број жени и деца беа сместени во кампот во Табановце, а околу 80 лица останаа надвор во просторот на македонско-срспкиот граничен појас. Додатен проблем претставуват врнежите од дожд.
Ова беше неочекуван момент кој се случи во транзитниот бегалски центар Табановце каде веќе четири дена се заглавени околи 700 бегалци, од кои повеќето се од Авганистан. Тие чекаат одлука од европските земји дали ќе им биде дозволено да го продолжат својот пат.