Abdula Berisha
16 Декември 2019•Ажурирај: 17 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски, го пречека на состанок својот српски колега Небојша Стефановиќ, при што двајцата министри потпишаа договор за отворање на заедничкиот граничен премин Лојане - Миратовец, како и договори за соработка во областа на борбата против трговија со луѓе и против криумчарење мигранти, јавува Агенција Анадолија (AA).
По билатералната средба следуваше средбата на делегациите на која присуствуваше и вицепремиерот за европски прашања на Северна Македонија, Бујар Османи, а по потпишувањето на договорите се одржа заедничка прес-конференција.
Министерот Спасовски рече дека потпишаните договори се во интерес на граѓаните. Говорејќи за заедничкиот граничен премин, тој рече дека граѓаните од тој регион се соочуваа со овој проблем речиси 20 години.
„Нашата работа започнува со отворање заеднички граничен премин кој за почеток ќе функционира како граничен премин за локален сообраќај, а по исполнување на условите, конечно ќе профункционира и како заеднички граничен премин за меѓународен патен сообраќај. Исто така, од голема важност е и договорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Република Србија за соработка во областа на борбата против трговијата со луѓе, и договорот за соработка во борбата против криумчарењето мигранти“, рече Спасовски.
Тој исто така рече дека се забележува зголемување на обидите за нелегално преминување на границата меѓу Северна Македонија и Грција, додавајќи дека досега, полициските и воените сили од Северна Македонија, заедно со нивните колеги од различни земји спречиле влез на околу 21.000 мигранти кои се обиделе да влезат во Северна Македонија.
Српскиот министер Небојша Стефановиќ рече дека трите потпишани договори се фокусираат на тековните проблеми што мора да се решат преку заедничко дејствување.
„Секако дека договорот за соработка во борбата против трговијата со луѓе, и договорот за соработка во борбата против криумчарењето мигранти ќе бидат добри одговори на мигрантската криза. Во овој момент, вие знаете дека борбата против нелегално преминување на границите е еден од приоритетите на двете земји, и она на коешто работевме заедно, и покрај големите напори кои ги вложува Европа преку „Фронтекс“, ние и со билатерален договор и со доаѓањето на 10-те гранични полицајци на Република Србија на граничниот премин помеѓу Северна Македонија и Грција, покажавме дека сакаме заедно да работиме и да бидеме солидарни во моментите кога мигрантската криза беше тешка во 2015 година“, рече Стефановиќ.
Вицепремиерот Османи, кој беше координатор на проектот за граничниот премин Лојане - Миратовец, рече дека очекува договорот за заеднички граничен премин да биде ратификуван на собранијата на двете земји пред Новогодишните празници, со што ќе се стави во функција новиот граничен премин.