Furkan Abdula
17 Август 2020•Ажурирај: 18 Август 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија соопшти дека во сообраќајна несреќа што се случила на магистралниот пат Струмица - Штип, животот го загубиле двајца мигранти, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на МВР се вели дека вчера на магистралниот пат Струмица - Штип, кај клучката Радовиш, патничко возило со скопски регистарски ознаки, управувано од непознато лице, во кое се превезувале 12 мигранти од Сирија, удрило во запрено товарно возило, сопственост на МВР.
„На местото на незгодата починал еден од мигрантите, а еден им подлегнал на повредите во Медицинскиот центар во Штип. Останатите лица се здобиле со тешки телесни повреди, додека еден полициски службеник се здобил со телесни повреди, констатирани во Медицинскиот центар Штип“, се наведува во соопштението.
Се истакнува дека е извршен увид на местото на несреќата од страна на Јавен обвинител и увидна екипа.