Dzihat Aliju
13 Март 2025•Ажурирај: 14 Март 2025
БИТОЛА (АА) - Во Битола се одржа комеморативна церемонија по повод 126-годишнината од дипломирањето на великиот водач на Туркије, Гази Мустафа Кемал Ататурк, во Воената гимназија во градот, јавува Анадолу.
На церемонијата во поранешното Воено подготвително училиште во Битола, кое сега се користи како Музеј на градот Битола, присуствуваа турскиот амбасадор во Северна Македонија, Фатих Улусој, командантот на Командата за операции на Армијата на Северна Македонија, бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски, заменик-генералниот директор за менаџмент и услуги при Министерството за национална одбрана на Туркије, Рамазан Топер, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, политичари, пратеници, претставници на турските организации и институции во земјава и други гости.
Церемонијата започна со едноминутно молчење во спомен на Ататурк и неговите соборци и интонирање на националните химни на двете земји.
Во својот говор амбасадорот Улусој рече дека Битола претставува важна димензија на политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот живот на Северна Македонија.
Објаснувајќи дека Мустафа Кемал, кој се школувал во Военото подготвително училиште во Битола 3 години, почнувајќи од март 1896 година, на тој простор почнал да ја формира основата на својот интелектуален живот, амбасадорот Улусој додаде:
„Неговите години тука оставија значајни влијанија врз неговите идеи и личност на неговиот пат кон станувањето голем лидер. Од тој аспект, Воената подготвителна школа во Битола има посебно место во нашата историја.“
Нагласувајќи дека Туркије има за цел да напредува со надградба на пробивите и достигнувањата постигнати под водство на Ататурк од 1923 година, амбасадорот Улусој истакна дека ги почитува принципите на Ататурк во односите со меѓународната заедница.
„Градот Битола, каде што се школуваше Ататурк, каде што го дишеше воздухот и кој имаше големо влијание врз обликувањето на неговиот поглед кон светот, исто така, има посебно значење во нашата заедничка историја. Ние веруваме дека нашата длабоко вкоренета историја и заедничка култура се извор на богатство за нашите народи. Многу сме задоволни од нашата соработка на секое поле, што црпи сила од нашите човечки врски“, рече Улусој.
Бригадниот генерал Ѓоргоски го изрази своето задоволство што е тука и додаде: „Во Македонија со гордост истакнуваме дека ни претставува особена чест што имаме обврска да се грижиме за делото на Ататурк.“
Наведувајќи дека има многу да се каже за Ататурк, кој бил визионер и човек што направил коренити позитивни промени во својата татковина, Ѓоргоски продолжи со зборовите:
„Сепак, јас, како генерал и припадник на Армијата, морам да нагласам дека Кемал Ататурк бил и засекогаш ќе остане голема инспирација на сите воени лидери и таков ќе остане засекогаш.”
Заблагодарувајќи им се на турските и македонските власти кои придонесоа за организацијата на оваа церемонија, Топер истакна:
„Постои разбирање за соработка засновано на заемна доверба меѓу Туркије и Северна Македонија, кое ја црпи својата сила од заедничката историја и култура. Сестраните односи меѓу двете земји, засновани на заемно почитување во полето на дипломатијата, војската, трговијата, образованието и културата, продолжуваат, зголемувајќи се.“
По завршувањето на говорите, гостите ја посетија Спомен-собата на Ататурк и се потпишаа во спомен-книгата.