Vesna Besic
29 Септември 2023•Ажурирај: 30 Септември 2023
САРАЕВО (АА) – Шефот на дипломатијата на Данска, Ларс Локе Расмусен, престојува во посета на Босна и Херцеговина, каде што оствари средба со министерот за надворешни работи Елмедин Конаковиќ, јавува Анадолу.
Конаковиќ по средбата изјави дека е многу важно да ги слушаме пораките кои зборуваат за поинаква политика за проширувањето на Европската Унија.
„За жал, поради случувањата во Украина оваа приказна има некоја друга фаза, ново поглавје, а ние во Босна и Херцеговина се обидуваме да го искористиме овој момент во комплицирани политички околности, да испорачаме што е можно повеќе обврски од тие фамозни 14 приоритети за извештајот, за Босна и Херцеговина да забележи напредок, со цел да се направат неколку нови чекори и да се доближиме до големото семејство – Европската Унија“, изјави Конаковиќ.
Тој смета дека може да се направи многу повеќе кога се во прашање билатералните односи.
Рече дека постојат стравови и дилеми поради случувањата кои главно доаѓаат од Собранието на ентитетот на БиХ, Република Српска.
„Објаснив дека руското влијание во БиХ, и ние разбираме, создава проблем на сите нас, но треба да бидат свесни за тоа и сите наши пријатели во ЕУ и тоа да биде платформа каде заеднички ќе се обидеме да најдеме решенија, а за тоа не би требало да бидат казнети сите граѓани на Босна и Херцеговина“, наведе Конаковиќ.
Шефот на данската дипломатија, Расмусен, рече дека на денешната средба станало збор за неколку теми меѓу кои безбедносната ситуација во регионот и патот на Босна и Херцеговина кон Европската Унија.
„Вистински верувам дека иднината на Босна и Херцеговина е во европското семејство. Разговаравме и за руската агресија врз Украина и последиците за Западен Балкан, можното руско влијание во овој регион. Од една страна, тоа може да биде пречка на европскиот пат, но од друга страна, тоа треба да биде поттик за зајакнување на нашиот дијалог и Босна и Херцеговина посилно да се турне во правец на европската иднина“, рече Расмусен.
Тој истакна дека Данска историски и понатаму е посветена на обезбедувањето на мирот и стабилноста на Западен Балкан.
Данскиот министер изјави дека проширувањето на Европската Унија останува важен политички приоритет и ѝ честита на Босна и Херцеговина за нејзиниот кандидатски статус.
„Ние сме посветени да ви помогнеме да стигнете до крајот. Меѓутоа, има уште многу работа пред нас, потребни се уставни реформи, потребно е постигнување на 14-те клучни приоритети“, додаде Расмусен.