Ayhan Şimşek
01 Октомври 2019•Ажурирај: 02 Октомври 2019
БЕРЛИН (АА) - Германија е во преговори со другите земји членки на Европската Унија (ЕУ) за обезбедување дополнителна поддршка на Турција за сириските бегалци, јавува Anadolu Agency (AA)
Заменик-министерот за внатрешни работи, Стефан Мајер, писмено одговори на парламентарното прашање, со што повторно ја потврди заложбата на Германија кон Договорот за бегалци склучен меѓу ЕУ и Турција во 2016 година, и посочи на понатамошна поддршка за Турција и Грција за подобрување на имплементацијата на Договорот.
„И покрај значителните напори направени од турската страна, бројот на бегалци кои пристигнуваат на грчките острови се зголемува“, рече тој, коментирајќи ги неодамнешните бројки за премините во Егејското Море.
„Затоа Федералната влада ја испитува можната понатамошна помош на Турција и тоа го координира со европските партнери“, додаде тој.
Мајер ги даде своите забелешки пред планираната посета на германскиот министер за надворешни работи, Хорст Зихофер, на Турција и Грција в четврток и петок.
Според бројката на Високиот комесаријат за бегалци на ОН (UNHCR), речиси 8.100 бегалци и мигранти пристигнаа на грчките острови.
При најголемиот бран на бегалската криза во 2015 година, повеќе од 856.000 луѓе - претежно сириски и ирачки бегалци - го преминаа Егејското Море.
Во 2016 година германската канцеларка Ангела Меркел се залагаше за Договорот за бегалци меѓу ЕУ и Турција со надеж дека ќе го запре приливот на бегалци, откако пристигнаа речиси милион бегалци во Германија.
Договорот беше успешен во значително намалување на бројот на премини во Егејското Море и спречување на загубата на многу животи. Но бирократските пречки на ЕУ и одложувањата за мобилизирање на ветените средства доведоа до остри критики од страна на турските власти.
ЕУ вети помош од 6 милијарди евра за подобрување на условите за живот на сириските бегалци во Турција. Но до јуни годинава исплатени се само 2,22 милијарди евра.
Земјите членки на ЕУ, исто така, ветија дека за секој Сириец кој се вратил во Турција од грчките острови, друг Сириец ќе биде преместен од Турција во ЕУ, како дел од планот за преселување.
Но, темпото на враќање во Турција од грчките острови според Договорот е бавно во голема мерка поради долгите правни процедури и административните проблеми во Грција.
Од 2016 година, земјите членки на ЕУ прифатија само околу 20.000 сириски бегалци од Турција.
Во моментов Турција е домаќин на околу 3,6 милиони сириски бегалци, повеќе од која било друга земја во светот. Според официјалните податоци, Анкара досега потрошила 40 милијарди долари за бегалците.